Унгарскиот лидер Виктор Орбан, поддржан од словачкиот премиер Роберт Фицо, се повлече од договорот постигнат од лидерите на Европската Унија во декември лани за исплата на средства откако руски беспилотни летала го оштетија нафтоводот „Дружба“, кој носи руска сурова нафта до нивните земји преку Украина. Двајцата го обвинуваат Киев за одложување на санација на нафтоводот
Унгарија и Словачка одбија да ги потпишат заклучоците од денешниот самит на Европскиот совет во Брисел, со што пакетот финансиска помош за Украина во вредност од 90 милијарди евра и натаму останува блокиран.

Документот со заклучоците, кој е објавен на веб-страницата на Европскиот совет, е потпишани од 25 земји членки на Унијата, без поддршката од унгарскиот и словачкиот премиер, Виктор Орбан и Роберт Фицо.
Унгарскиот лидер, поддржан од словачкиот премиер се повлече од договорот постигнат од лидерите на Европската Унија во декември лани за исплата на средства откако руски беспилотни летала го оштетија нафтоводот „Дружба“, кој носи руска сурова нафта до нивните земји преку Украина. И двајцата го обвинуваат Киев за одложување на санација на нафтоводот.
Лидерите на ЕУ го обвинија Орбан за предавство велејќи дека го поткопува процесот на носење одлуки во Унијата и ја блокира клучната помош за Украина во момент кога на земјата ѝ снемуваат пари, обидувајќи се со тоа да добие поени на претстојните парламентарни избори во Унгарија.
„Орбан ја користи Украина како оружје во својата изборна кампања и тоа не е добро. Имавме договор и мислам дека нè предаде“,
изјави финскиот премиер Петери Орпо пред самитот.
Официјалните претставници на Европската Унија веруваат дека Украина мора да добие значителен дел од заемот од 90 милијарди евра до почетокот на мај. За тоа да се случи, мора да се постигне напредок во рамки на ЕУ во рок од две до три недели.
