Тој нагласи дека американските воени операции се одвиваат според планот и дека воздушната одбрана на Иран е срамнета со земја, а неговата одбранбена индустрија е во голема мера уништена. Додаде дека САД потонале повеќе од 120 ирански воени брода и ги уништиле сите 11 ирански подморници
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, одржа прес-конференција за војната во Иран велејќи дека САД ќе продолжат со интензивни напади и нема да запрат додека не заврши операцијата.

Тој посочи дека разговарал со семејствата на шестемина американски војници кои беа убиени минатата недела кога воен авион за полнење гориво се урна над Ирак. Хегсет нагласи дека семејствата побарале операцијата да продолжи.
„Тие рекоа: Завршете го ова, почитувајте ја нивната жртва, не откажувајте се и не застанувајте додека не се заврши работата. Секако дека ќе го завршиме ова. Ќе ја почитуваме нивната жртва“,
изјави Хегсет.
Тој исто така рече дека кога ги презел телата на паднатите војници во воздухопловната база Довер, заедно со американскиот претседател Доналд Трамп и генералот на воздухопловните сили Ден Кејн, видел непоколеблива решителност кај семејствата.
Зборувајќи за текот на војната, тој најави нови напади.
„Денес ќе биде најголемиот пакет-напади досега, исто како што беше вчера“,
рече Хегсет.
Тој нагласи дека американските воени операции се одвиваат според планот и дека воздушната одбрана на Иран е срамнета со земја, а неговата одбранбена индустрија е во голема мера уништена. Додаде дека САД потонале повеќе од 120 ирански воени брода и ги уништиле сите 11 ирански подморници.
Според Хегсет, американско-израелските напади погодиле повеќе од 7 000 цели во Иран и неговата воена инфраструктура.
Тој додаде дека капацитетот за производство на балистички ракети на Иран е веројатно најтешко погоден и опаднал за 90 проценти од почетокот на конфликтот.
На крајот од подготвениот говор Хегсет упати религиозен апел до граѓаните. Тој ги повика Американците да се молат за американските војници „на колена со своите семејства, во училиштата и црквите, во името на Исус Христос“.
