Кентон Џарвис, извршен директор на „Изиџет“, рече дека не гледа проблеми со снабдувањето со гориво. Сепак, тој рече дека патниците треба да резервираат летови што е можно поскоро бидејќи постојните гаранции за цени истекуваат, што доведува до повисоки цени
Најголемите европски авиокомпании предупредија дека порастот на цените на горивата, поттикнат од војната на Блискиот Исток, ќе доведе до зголемување на цените на авионските билети и им советуваат на патниците да ги резервираат своите летови што е можно порано. Иако превозниците делумно се заштитија од зголемувањето на цените со тоа што се согласија на фиксни цени на горивата, раководителите на компаниите изјавија дека нема да можат да избегнат префрлање на дополнителните трошоци врз патниците уште долго време, објавува „Гардијан“.

Лидерите на големите авиокомпании се собраа во Брисел како дел од здружението „Авиокомпании за Европа“ (A4E), кое претставува 16 авиокомпании, вклучувајќи ги ИАГ (сопственик на „Бритиш ервејс“), „Ер Франс-КЛМ“ и „Луфтханза“. „Изиџет“ ги отфрли стравувањата од непосреден недостиг на гориво во Европа, и покрај загриженоста за снабдувањето во делови од Азија.
Кентон Џарвис, извршен директор на „Изиџет“, рече дека не гледа проблеми со снабдувањето со гориво. Сепак, тој рече дека патниците треба да резервираат летови што е можно поскоро бидејќи постојните гаранции за цени истекуваат, што доведува до повисоки цени.
Мајкл О’Лири од „Рајанер“, исто така, го намали значењето на непосредното влијание, но нагласи дека ситуацијата ќе стане проблематична за авиокомпаниите ако високите цени на горивото траат шест месеци. Според ИАТА, цената на керозинот била за 94% повисока од годишниот просек на крајот од минатата недела, а цената на суровата нафта повторно скокна денеска по ескалацијата на конфликтот.
Зголемување на летовите до Азија
Кризата би можела да донесе и одредени придобивки за европските превозници на долги релации, кои би можеле да вратат дел од глобалното влијание изгубено од превозниците од Заливот. Превозниците на долги релации како што се „Ер Франс-КЛМ“ и „Луфтханза“ најавија дополнителни летови до Азија.
Овој потег доаѓа откако центрите на превозниците од Заливот се затворени или работат со намален капацитет по нападите на САД и Израел врз Иран. „Луфтханза“ објави дека додала 40 летови до Азија, додека „Ер Франс-КЛМ“ потврди дека го зголемува и капацитетот до континентот, известувајќи за „многу здрава“ побарувачка на рутите до Азија и Африка.
„Бритиш ервејс“ оваа недела објави директни летови до Мелбурн преку Куала Лумпур и додава повеќе летови до дестинации како што се Карибите, избегнувајќи го пренатрупаниот и нестабилен воздушен простор на Блискиот Исток.
Повик за намалување на еколошките даноци
Лидерите на A4E издадоа заедничка изјава во која ги повикуваат европските лидери да ја поддржат индустријата со намалување на еколошките даноци. Тие велат дека губат конкурентска предност во однос на авиокомпаниите, дестинациите и центрите надвор од ЕУ кои не се соочуваат со слични регулаторни оптоварувања.
Тие рекоа дека изборот ќе биде помеѓу зголемување на поврзаноста или намалување на рутите, додавајќи:
„Распространетите затворања на воздушниот простор на Блискиот Исток се потсетник за нашата отпорност, но и за тоа колку се важни авиокомпаниите и центрите на ЕУ за поврзување на остатокот од светот“.
Спор околу одржливото гориво
Авиокомпаниите, исто така, побараа од ЕУ да ги измени претстојните правила за позелени горива. Правилата би барале минималниот удел на одржливо воздухопловно гориво (САФ) да биде 6% до 2030 година, од кои 0,7% мора да биде еСАФ – синтетичко гориво добиено од обновлива енергија.
„Бараме одложување на обврската за еСАФ сè додека не стане навистина достапна“,
рече Џарвис од „Изиџет“.
Сепак, комесарот за транспорт на ЕУ, Апостолос Цицикостас, рече дека е малку веројатно оти повикот ќе биде веднаш послушан, изјавувајќи за Ројтерс дека на индустријата е да инвестира во горивата.
