Според информациите од полицијата, пријавениот во текот на 2022 и 2023 година ги пречекорил своите овластувања постапувајќи спротивно на Законот за работни односи. Злоупотребата се однесувала на исплата на парични надоместоци за неискористени годишни одмори
Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава против 57-годишниот струмичанец З. Г., поранешен директор на Јавното претпријатие „Комуналец“. Тој се сомничи дека во дури 47 наврати ја злоупотребил службената положба и овластување, нанесувајќи му сериозна финансиска штета на претпријатието.

Според информациите од полицијата, пријавениот во текот на 2022 и 2023 година ги пречекорил своите овластувања постапувајќи спротивно на Законот за работни односи. Злоупотребата се однесувала на исплата на парични надоместоци за неискористени годишни одмори.
Тој во 2022 година донел одлуки за исплата на обесштетување за себе и за уште 24 вработени, со што од касата на претпријатието биле исплатени 593 259 денари. Во 2023 година, пак, по истиот основ, за него и за 21 вработено лице, биле исплатени дополнителни 502 179 денари.
Вкупната штета нанесена на буџетот на ЈП „Комуналец“ – Струмица изнесува 1 095 438 денари.
Од СВР Струмица велат дека директорот се повикувал на Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците во ЈП „Комуналец“ – Струмица.
Случајот, додаваат од струмичката полиција, е поднесен до Основното јавно обвинителство Струмица.
