Со Мицкоски во Брисел е и партискиот генерален секретар Драган Ковачки, како и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствува на 50-годишнината од формирањето на Европската народна партија во Брисел, преку видеообраќање најави дека покрај одбележувањето на овој јубилеј ќе се одржи и Самит на лидери кои се дел од семејството на Европската народна партија.

Како што информира Мицкоски, на Самитот ќе се разговара за економската перспектива на европскиот континент, за глобалните предизвици, за војната во Украина, како и за војната во Заливот.
„Два дена сме овде во Брисел да ја одбележиме 50-годишнината од формирањето на Европската народна партија, најголемата политичка сила во демократска Европа, чиј нераскинлив дел претставува и ВМРО-ДПМНЕ, најголемата политичка партија во Македонија. Овие два дена, покрај официјалната прослава, ќе имаме и Самит на лидери, на претседатели на политички партии, кои се дел од семејството на Европската народна партија, ќе разговараме за економската перспектива на европскиот континент, се разбира ќе разговараме за глобалните предизвици, војната во Украина, војната во Заливот, во Иран, но исто така ќе зборуваме и за зголемување на компетитивноста. Она што е наша цел и што претставува наш посебен интерес, е разговорот околу проширувањето на самата ЕУ, но и сите оние постигнувања и реформи што изминатите месеци како ВМРО-ДПМНЕ, односно како влада ги направивме“,
истакнува премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ во видеоизјавата.
Со Мицкоски во Брисел е и партискиот генерален секретар Драган Ковачки, како и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.
Мицкоски на маргините на конгресот на Европската народна партија оствари средба со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ. Во фокусот на разговорите, како што информира Мицкоски на Фејсбук, биле регионалната соработка и европската перспектива.
