Вчера, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ слета петтиот чартер-лет со 147 патници од кои 119 македонски државјани и 28 странци

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека е целосно завршена евакуацијата на македонските граѓани кои побараа помош за напуштање на кризните подрачја на Блискиот Исток.
Со организираните летови, како што велат од министерството, вкупно 605 македонски државјани се вратени во земјата.
Вчера, на меѓународниот аеродром „Скопје“ слета петтиот чартер-лет со 147 патници од кои 119 македонски државјани и 28 странци.
Сите летови беа организирани како специјални чартери, а трошоците беа целосно покриени од страна на државата.
„Со ова државата покажа подготвеност навремено да реагира во кризни ситуации, да ја заштити безбедноста на своите граѓани, но и да покаже солидарност кон пријателските земји во регионот и пошироко“, се вели во соопштението од министерството.
Иако евакуацијата на сите македонски државјани кои изразија интерес за враќање во земјата е целосно завршена, Министерството информира дека СОС телефонот и дипломатско-конзуларните претставништва остануваат во постојана приправност за евентуални нови барања за помош.
