Ненад Савески, кој моментално е судија во Основниот кривичен суд Скопје, минатиот вторник беше избран од Владата како кандидат за шеф на Јавното обвинителство на РСМ
Владиниот предлог Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител денеска ќе се најде пред пратениците во Собранието. Според агендата за активностите во парламентот, седницата е закажана во 11 часот.

За избор на државен јавен обвинител потребно е апсолутно мнозинство во Собранието, односно најмалку 61 глас.
Ненад Савески, кој моментално е судија во Основниот кривичен суд Скопје, минатиот вторник беше избран од Владата како кандидат за шеф на Јавното обвинителство на РСМ. Тој беше еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење. Портпаролката на Владата, Марија Митева, по седницата изјави дека одлуката е донесена по конструктивна дискусија во која се разгледувале сите аспекти на кандидатите – од професионално искуство до личен интегритет.
Непосредно откако Владата го избра Савески за кандидат за нов државен обвинител, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека лично не го познава. Сепак, како што рече, од она што можел да го види од неговата биографија, но и од распрашувањето за него, Владата оценила дека би можел да биде одличен јавен обвинител.
