Во однос на тоа кој дава налог за редовен и вонреден инспекциски надзор, Тимовска денеска рече оти не ѝ познато бидејќи не е во нејзиниот сектор, додека во исказот даден во истрага, според обвинителката, кажала дека налозите ги даваат генералниот инспектор во ДЗС и директорот
Маја Тимовска, вработена во секторот за планирање, превенција и развој во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), денеска одговарајќи на прашања на Обвинителството беше соочена со нејзината изјава дадена во истрага за предметот „Пулс“.

Околноста таа да биде прогласена за непријателски сведок и да ѝ се предочи претходниот исказ дојде во врска со прашањата кој ги доставува до Влада годишните извештаи на ДЗС и кој дава налози за вршење редовни и вонредни контроли.
Обвинителството ѝ забележа на Тимовска дека во исказот даден на 24 април 2025 година во истрага кажала дека извештаите ги доставува директорот на Дирекцијата, додека денеска рече оти тоа се прави преку архивата на ДЗС.
На овој момент сведокот рече:
„Бидејќи Дирекцијата за заштита и спасување е орган на државната управа невозможно е да да се достави било каков документ доколку истиот не е одобрен и потпишан од директорот на Дирекцијата. Не можете да доставите до владата било каков документ изработен од помлад соработник доколку не е потпишан од директорот на ДЗС“.
Обвинителството, како што можеше да се сфати, беше задоволно од одговорот оценувајќи го како појаснување за кажаното на денешното рочиште.
Во однос на тоа кој дава налог за редовен и вонреден инспекциски надзор, Тимовска денеска рече оти не ѝ е познато бидејќи не е во нејзиниот сектор, додека во исказот даден во истрага, според обвинителката, кажала дека налозите ги даваат генералниот инспектор во ДЗС и директорот.
Инаку, Тимовска претходно одговарајќи на прашањата на застапникот на обвинението ги опиша структурната поставеност на Дирекцијата и програмите што ги изготвува.
Кажа дека годишната програма за работа на ДЗС се изработува по утврдена методологија и се донесува на колегиум. Потоа со потпис на директорот се архивира и се доставува до владата.
Прашана за документите што треба да ги достави секој субјект што врши изградба, доградба, пренамена и реконструкција на објект, Тимовска кажа дека станува збор за четири документи.
„Согласно законот треба да достават четири документи и тоа: при изградба на објект инвеститорот во проектната документација е должен да изработи елаборат за за заштита и спасување и истиот преку општината да го достави до Дирекцијата за заштита и спасување во секоја од 34 подрачни одделенија, во зависност од тоа каде се наоѓа објектот. Сите учесници се должни да изработат правилник за заштита од пожари и загрозеност од природни непогоди и други непогоди, како и план за заштита и спасување”,
рече сведокот.
Прашана дали вакви документи биле поднесени и за објектот „Пулс“, Тимовска рече дека не е познато бидејќи документите се доставуваат преку општината до подрачното одделение во местото каде што се наоѓа објектот, но не и до Дирекцијата во Скопје.
Околу прашањето за планот за вршење на инспекциските надзори и тоа што во некои општини, како Кочани немаат инспектор, Тимовска рече дека во годишните планови генерално се наведува вршењето на инспекциите, а не поединечно за секоја подрачна единица.
Дополнително, сведокот рече дека не може да говори за инспекциите оти не се во нејзиниот сектор.
Од таа причина Тимовска не можеше да одговори на прашањето на судијката Диана Груевска-Илиевска, дали инспектор може на своја иницијатива да реагира доколку некој субјект не поднел ваква документација.
На денешното рочиште претходно сведочеше Верица Милевска-Стефановска, претседателка на Комората за приватно обезбедување на лица и имоти. Таа, меѓу другото кажа дека доколку во објект каде што се одржува настан е забрането присуство на лица под 18 години и тоа е истакнато на табли, обезбедувањето е должно да реагира и за тоа да го извести сопственикот на објектот.
Одговарајќи на прашањата на Обвинителството, Милевска-Стефановска рече оти меѓу агенцијата за обезбедување и фирмата што го ангажира мора да има писмен договор. Во спротивно, кажа, договорот е ништовен.
На почетокот на рочиштето Обвинителството рече оти не се согласува со барањето на обвинетиот ексградоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, да му биде заменет куќниот притвор со мерки за претпазливост.
Судијката Диана Груевска-Илиевска рече дека по однос на барањето Судот ќе се произнесе на следното рочиште, кое закажано за в четврток, 19 март.
За следната главна расправа Обвинителството ќе достави листа на сведоци од кои се откажува.
Станува збор за околу десетина сведоци, а причината за прочистувањето на листата е што нивните искази се повторуваат со оние на дел од досегашните сведоци, а дел не се во земјава или имаат здравствени проблеми.
На рочиштето в четврток одбраната треба да даде согласност за откажувањето на сведоците.
