Двајцата министри разговарале за можностите за продлабочување на соработката во железничкиот сообраќај и за унапредување на економските односи меѓу двете земји
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Охрид оствари работна средба со заменик-претседателот на Владата и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура на Хрватска, Олег Бутковиќ, во рамки на официјалната посета на хрватската владина делегација.

На средбата, како што соопштија од Министерството за транспорт, двајцата министри разговарале за развојот на транспортниот сообраќај во регионот, како и за можностите за продлабочување на соработката во железничкиот сообраќај и за унапредување на економските односи меѓу двете земји.
Покрај тоа, Николоски му се заблагодарил на својот колега за поддршката од хрватска страна во решавањето на проблемите со превозниците и професионалните возачи, како и за измените на Законот за работни визи, кои се веќе усвоени во Хрватска.
Тоа, како што посочи министерот, е од големо значење за македонските транспортни компании.

На средбата се разгледани и можностите за дополнително интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете држави.
Пред една недела, Николоски во телевизиско гостување рече дека македонските транспортери ќе можат да обезбедат визи за непречено движење во земјите од Шенген-зоната преку Амбасадата на Хрватска во Скопје и нивните дипломатско-конзуларни претставништва.
Со ова, додаде дека суштински се решава големиот проблем на превозниците кој се појави по воведувањето на новиот систем за влез и за излез во Европската Унија.
