Според моето лично убедување, а и по консултацијата со градоначалникот, неопходно е да се пропишат нови процедури и стандарди кои ќе обезбедат спречување вакви појави во иднина – изјави деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Јосиф Јосифовски, додавајќи дека постојните правила не се доволни за да се спречат вакви ризици
По вчерашниот инцедент во скопски Центар, кога при ископ на градежна јама настана свлечиште на земјата, деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Јосиф Јосифовски, денеска изјави дека случајот е сериозен сигнал оти се потребни нови прописи и стандарди во градежништвото.
Според него, постојните правила не се доволни за да се спречат вакви ризици.

„Ние сме техничка професија која е регулирана, што значи дека постојат јасни правила и стандарди за тоа како треба да се однесуваме, како да градиме и како да проектираме. Меѓутоа, и покрај тоа, се случуваат случаи како неодамнешниот – повторно затрупување на градежна јама – што е краен сигнал дека мора да се преземат сериозни мерки. Според моето лично убедување, а и по консултацијата со градоначалникот, неопходно е да се пропишат нови процедури и стандарди кои ќе обезбедат спречување на вакви појави во иднина“,
изјави Јосифовски пред денешниот настан „Од Амфитеатар до реализација – од студент до менаџер“.
Тој додава дека по консултација со градоначалникот и инспекторатот е договорено Градежниот факултет да излезе на терен и да направи проценка за опасноста врз соседните објекти и да предложи мерки и чекори за санација.
На територијата на општина Центар вчера настана свлечиште на градилиште при што се оштетени делови од тротоарот и улицата, а падната е и бандера врз возило кое било паркирано во непосредна близина.
