Во несреќата загинаа четири лица, меѓу кои двајца тинејџери, возачот на автобусот и возрасно лице кое ги придружувало учениците. Најмалку две лица се здобиле со тешки телесни повреди
Тешка сообраќајна несреќа при која воз удри во училиштен автобус на железнички премин се случи утрово во белгискиот град Бугенхаут, пренесуваат белгиските медиуми.

Според белгиската РТЛ, во несреќата загинаа четири лица, меѓу кои двајца тинејџери, возачот на автобусот и возрасно лице кое ги придружувало учениците. Најмалку две лица се здобиле со тешки телесни повреди.
Несреќата се случила утрово околу 8:15 часот во регионот Источна Фландрија, а според првичните информации, возот удрил во автобусот додека минувал преку железнички премин.
Белгиската новинска агенција наведува дека во автобусот имало седум деца и двајца возрасни.
Сè уште се истражуваат причините под кои дошло до судирот. Според снимките од безбедносните камери, железничкиот премин бил затворен во моментот на несреќата.
BREAKING: Footage shows emergency services at the scene after a train collided with a school bus in Buggenhout, Belgium
— Sky News (@SkyNews) May 26, 2026
Live updates: https://t.co/E80U2MRYBo
📺 Sky 501, Virgin 602, Freeview 233 and YouTube pic.twitter.com/ZHR2aOgufx
Возот сообраќал на релација Бриж – Бугенхаут и непосредно пред несреќата веќе забавувал бидејќи се приближувал до станица.
Од железничката инфраструктурна компанија „Инфрабел“ изјавија дека машиновозачот се обидел да ја активира сопирачката за итни случаи, но немало доволно време за да се избегне ударот.
Во возот имало околу 100 патници, но никој од нив не е повреден.
Градоначалникот на Бугенхаут, Герт Херманс, го нарече инцидентот „трагедија“ и го активира општинскиот план за вонредни состојби.
Белгискиот министер за внатрешни работи Бернард Кинтин на социјалната мрежа Икс им изрази сочувство на семејствата на жртвите и им посака брзо закрепнување на повредените.
Белгија има густа железничка мрежа и долга историја на несреќи на железнички премини.
Според податоците на „Инфрабел“, во вакви несреќи во текот на 2025 година загинале пет лица, што е најмал број регистриран од 2020 година.
