Денешното рочиште е, условно кажано, прво откако викендот и вчера со повеќе настани беше одбележана една година од трагедијата која го зави во црно Кочани, но и целата држава
Со искази на сведоци на Обвинителството денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој пред точно една година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Денешното рочиште е, условно кажано, прво откако викендот и вчера со повеќе настани беше одбележана една година од трагедијата која го зави во црно Кочани, но и целата држава.
Процесот е во доказна постапка, а за денешното рочиште се предвидени тројца сведоци. Досега на судењето, кое започна на 19 ноември, се сослушани околу 25 сведоци на Обвинителството, а дополнително свои најави и одбраната.
На претходното рочиште што се одржа во четвртокот (12 март) иако беа најавени пет, искази дадоа двајца сведоци. Прв сведочеше инспекторот во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување Виница, Дарко Стојков.
Тој со уште тројца инспектори на ДЗС од Пробиштип, Берово и Струмица биле дел екипата што вршела увид во објектот по трагичниот пожар. Одговарајќи на прашања на Обвинителството, сведокот кажа дека во „Пулс“ хидрантот за вода бил празен, немало црево, ниту дојавувачи односно аларми за пожар.
Најболната работа, рече, било тоа што задната врата била заклучена со катанец, а на неа воопшто немало ниту квака. Во сведочењето тој наведе дека во подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани нема инспектор откако последниот што бил на таа функција заминал во пензија пред повеќе од десет години.
Пропустите, како што можеше да се заклучи од неговото сведочење, не биле констатирани од Дирекцијата за заштита и спасување, затоа што оваа институција со години нема инспектор во Кочани. Рече дека тој како инспектор во Виница немал надлежност да врши инспекции во Кочани.
Дел од адвокатите на обвинетите за пожарот во „Пулс“ се обидоа да го оспорат неговото сведочење, а во изјава за медиумите на паузата од рочиштето, бранителот на обвинетиот ексдиректор на ДЗС, Аднан Џаферовски, адвокатот Звонко Давидовиќ, рече дека сведокот не го познава законот.
Во однос на барањето за укинување на куќниот притвор на обвинетиот поранешен градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, Обвинителството на рочиштето не даде свое мислење, иако тоа беше најавено на претходното на 9 март.
На клупата за сведоци во четвртокот седна и Трајче Димишковски, кој од 2024 до август 2025 година бил вработен во Агенцијата „Рубикон“ што го обезбедувала т.н. кабаре „Пулс“, а по пожарот бил овластен да потпишува за плати, односно имал својство на управител на компанијата, откако Јане Јаневски беше притворен во рамките на истрагата, а потоа и обвинет. Иако имал вакво својство сведокот, одговарајќи на прашања на Обвинителството не можеше да посочи каде се наоѓало седиштето на Рубикон.
Прашањата што обвинителите му ги поставуваа на Димишковски одеа во насока на тоа дали Александар Нацев е реален сопственик на агенцијата „Рубикон“. Сепак, тој во исказите велеше дека Нацев само соработувал со агенцијата. Инаку, Нацев како и Јанчевски е обвинет во предметот. За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица.
Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
