Зеленски смета дека Иран, и покрај претходните негирања, сепак, испорачал беспилотни летала на Русија, ги обучил руските сили за нивна употреба и ги споделил технологијата и лиценците за производство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија му помогнала на Иран да ги унапреди дроновите „шахед“, што денес претставуваат закана за земјите од Блискиот Исток.

Во интервју за „Ерусалим пост“, објавено од „Укринформ“, Зеленски изјави дека овие беспилотни летала се со значително подобрени перформанси во споредба со првичните верзии што се користеа на почетокот на војната во Украина.
Зеленски смета дека Иран, и покрај претходните негирања, сепак, испорачал беспилотни летала на Русија, ги обучил руските сили за нивна употреба и ги споделил технологијата и лиценците за производство.
Според него, Русија сега возвраќа со тоа што му обезбедува на Иран надградени верзии и техничко знаење.
„Ова е огромно количество знаење од бојното поле. Ова се нови технологии базирани на иранскиот развој и сето ова ќе има влијание врз другите региони. Секогаш зборував за Африка, Блискиот Исток и Европа“,
додаде украинскиот лидер.
Зеленски предупреди дека заканата од беспилотни летала се проширила надвор од Украина и сега влијае врз Израел, земјите од Персискиот Залив и американските сили во регионот, оценувајќи дека искуствата од бојното поле водат до развој на нови технологии кои влијаат на неколку региони во светот.
