Објавувајќи ја својата оставка од функцијата, тој посочи дека се работи за формалност бидејќи веќе добил ветување од лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи, Милорад Додик, дека повторно ќе биде номиниран за мандатар
Премиерот на ентитетот Република Српска, Саво Миниќ, денеска поднесе оставка од функцијата. На денешната прес-конференција во Бања Лука, на која ја објави оставката, тој рече дека овој потег е направен со цел да се обезбеди целосен легалитет и легитимитет на извршната власт.

„Повторно ќе избереме нова влада, јас поднесувам оставка. Покажуваме политичка сила, сериозност и моќ“,
рече Миниќ.
Миниќ посочи дека се работи за формалност бидејќи веќе добил ветување од лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи, Милорад Додик, дека повторно ќе биде номиниран за мандатар. За ова, како што рече, се консултирал и со претседателот на Република Српска, Синиша Каран.
Клучната промена во овој процес всушност ќе биде тоа што Миниќ ќе добие нов мандат од претседателот Синиша Каран за разлика од претходниот пат кога беше назначен од в.д. претседателката Ана Тришиќ-Бабиќ, што беше оспорено пред Уставниот суд со образложение дека в.д. претседателот нема овластување да назначува мандатар.
Саво Миниќ беше назначен за мандатар на Република Српска на 2 септември лани.
На 23 јануари, Уставниот суд пресуди дека владата е неуставна, бидејќи мандатарот бил предложен од Милорад Додик кој во тој момент беше оттргнат од функцијата претседател на ентитетот по правосилната пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, со која му беше забрането да извршува политичка функција во период од шест години.
Според Уставот на Република Српска, мандатар може да предложи само претседателот на ентитетот.
