Во сообраќајката учествувале мотоцикл и две возила, а ги управувале возачи од Скопје. Мотоциклистот починал на местото на настанот, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт
Осумнаесетгодишен мотоциклист загина во сообраќајна несреќа што вчера попладне се случи на улицата „Адем Демачи“ во скопски Чаир, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во сообраќајката учествувале мотоцикл и две возила, а ги управувале возачи од Скопје.
„Во несреќата учествувале мотоцикл ‘пијаџо беверли‘ со скопски регистарски таблички, управуван од А.Љ. (18), патничко возило ‘фиат‘ управувано од 20-годишната Д.Т. и патничко возило ‘пежо 307‘ со скопски таблички, управувано од А.Б. (35), сите од Скопје“,
се вели во полициското соопштение.
Во несреќата, како што информираат од полицијата, мотоциклистот починал на местото на настанот, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Увид на местото на сообраќајката изврши екипа на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје.
По насоки на обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.
