Првиот синдикалец Слободан Трендафилов рече дека предложеното усогласување на минималната плата од 1 667 денари е недоволно во услови кога за два месеци вредноста на синдикалната минимална кошничка порасна за 2 000 денари
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, повика на масовност на претстојниот протест во сабота, на кој работниците и членовите на синдикатите повторно ќе испратат порака за зголемување на платите. Протестот е закажан на 14 март со почеток во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје. Оттаму ќе продолжи пред Собранието, потоа пред Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.

Трендафилов порача дека работниците мора сами да се борат за своите примања зашто другите нема да се борат наместо нив, додавајќи дека платата е резултат на трудот на работникот, а не подарок од работодавачите. Рече дека предложеното усогласување на минималецот од 1 667 денари е недоволно во услови кога за два месеци вредноста на синдикалната минимална кошничка порасна за 2 000 денари.
„ССМ ја напушти последната седница на Економско-социјалниот совет поради обидот минималната плата да се усогласи само за 1 667 денари. Имаме одлука да бараме 600 евра минимална плата и најмалку 6 000 денари зголемување на сите останати работнички плати“,
изјави тој додавајќи дека по напуштањето на претставниците на ССМ, седницата останала без кворум, поради што не можело да се донесе никаква одлука.
Согласно законот, како што рече Трендафилов, за утврдување на минималната плата потребно е мислење од ЕСС, во кој мора да бидат присутни сите репрезентативни организации на работниците и работодавачите. Додаде дека минималната плата мора да се зголеми во текот на месецов со оглед на тоа што, како што рече, околу 160 000 работници во земјава живеат со плата под прагот на сиромаштијата.
