Од МВР велат дека за сите случаи се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави
Полициските служби во текот на вчерашниот ден и изминатата ноќ интервенирале во осум пријавени случаи на семејно насилство при што шест лица биле лишени од слобода во неколку делови од земјата.

Вчера околу 23 часот, на подрачјето на Карпош, полициски службеници го лишиле од слобода 48-годишниот З. З. од Скопје. Полицијата постапувала по претходна пријава дека околу 22 часот З.З. во семејниот дом физички ја нападнал својата 44-годишна сопруга, а притоа оштетил и дел од покуќнината
Вториот случај во кој интервенирала полицијата е исто така на подрачјето на Општина Карпош. Полицајците ноќеска пет минути по полноќ го лишиле од слобода 52-годишниот М. Д. кој бил пријавен дека вчера околу 16:30 часот во семејниот дом упатувал закани кон својата 47-годишна сопруга, со која биле во бракоразводна постапка и кон нивниот 17-годишен син, а го оштетил и мобилниот телефон на сопругата.
Вчера околу 20:20 часот, во Секторот за внатрешни работи Скопје, 38-годишна жена пријавила дека претходните два дена нејзиниот девер Г.В. (44) од Скопје преку мобилен телефон упатувал закани кон неа и членови на семејството.
Скопската полиција вчера во 23:20 часот го привела 65-годишниот А.И. за кого претходно имало пријава дека околу 16 часот во семејниот дом во Скопско физички ја нападнал својата 62-годишна сопруга, при што употребил тврд предмет.
Во СВР Скопје вчера имало пријава и од 41-годишна жена која рекла дека околу 15:30 часот во Скопско била физички нападната од поранешниот партнер З.Р.
Полициски екипи, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера интервенирале и во селото Росоман. Таму бил приведен 69-годишник кој претходно им се заканувал на своите 44-годишен син и снаа. При преземање мерки, кај него биле измерени 1,40 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица, а известени биле јавен обвинител и Центарот за социјални работи Кавадарци.
Во Кичево вчера во 14:20 часот полициски службеници го лишиле од слобода кичевчанецот Р.С. (37) затоа што претходно во семејниот дом физички го нападнал својот татко.
Последниот случај за кој информираат од МВР, а бил пријавен во текот на вчерашниот ден, е за интервенција во Виничко село каде што бил приведен 58-годишниот Б.Т. од Виница.
Според пријавеното, и покрај тоа што имал судско решение да не се приближува помалку од 100 метри и да воспоставува контакт, тој во саботата и вчера во неколку наврати ја пресретнувал својата поранешна 65-годишна партнерка во селската продавница, а одел и кај неа дома и ја вознемирувал и ѝ се заканувал. При преземање мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му биле 3,3 промили алкохол во организмот. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од МВР велат дека за сите случаи се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
