Членот на Извршниот одбор на СДСМ наведе дека кога премиерот Мицкоски „ќе го фатите во лага, тој одговара со нова лага“, а во контекст на назначувањето на Душан Адамовиќ за конзул на земјава во Србија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски дека секоја негова изјава и политика се лага.
Острите критики на социјалдемократите од „Бихаќка“, на прес-конференција, ги кажа членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски. Најавувајќи ја темата на пресот, тој рече дека Мицкоски е единствен премиер во светот кој употребува термин што не е познат во политиката.

„Тоа е терминот ‘вистинска вистина’, сте го слушнале. Но, кој човек зборува за ‘вистинска вистина’. Оној што има друга вистина, а тоа е лажна вистина. Токму тоа е тема на денешната прес-конференција – лажната вистина на Христијан Мицкоски“,
рече Жерновски.
Како аргументи за ваквото тврдење тој наведе неколку примери, од доаѓањето на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година, наводите дека кога ќе дојде на власт ќе го смени Преспанскиот договор и ќе го врати старото уставно име, до изјави дека ќе си даде оставка ако се открие поврзаност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и агенцијата за обезбедување во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде што лани во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Дојде на власт со лага – кажа, им вети на граѓаните, на гласачите дека кога ќе дојде на власт ќе го смени Преспанскиот договор, ќе го врати старото уставно име, повторно излажа. Но, не им кажа на гласачите, не им кажа на граѓаните, дека тоа значи дека ќе бидеме ФИРОМ, дека ќе бидеме БЈРМ, не им кажа дека ќе треба да го напуштиме НАТО, дека нема да бидеме безбедни. Сега измислува повторно конфликти со соседите, сè со цел да ја држи земјата изолирана, и, се разбира, Македонија, за жал да има блокиран европски пат.
Да потсетиме уште нешто. Рече дека доколку се открие поврзаност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и него, и агенцијата за обезбедување во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ќе си даде оставка. Повторно излажа. Потоа велеше дека како советник на Никола Груевски работи про боно, се сеќавате, повторно излажа“,
рече членот на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз.
Додаде и оти Мицкоски го штити актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, за кого СДСМ неколку дена бара оставка од функцијата поради трагедијата во Карпош, каде жена и дете беа пронајдени мртви по пад од балкон како последица на семејно насилство што жената го трпела подолго време.
Изведувајќи своевиден заклучок, Жерновски наведе дека кога премиерот Мицкоски „ќе го фатите во лага, тој одговара со нова лага“, а во контекст на назначувањето на Душан Адамовиќ за конзул на земјава во Србија.
Според Жерновски, лага бил одговорот на премиерот дека зад поставувањето на Адамовиќ за почесен конзул стои македонскиот амбасадор во Србија бидејќи, како што кажа, конзул предлага Владата на седница.
„Пред неколку дена во македонското Собрание на прашање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за негова поврзаност со Душан Адамовиќ, рече дека зад неговото поставување за конзул во Србија стои, цитирам, ‘македонскиот амбасадор’. Повторно лага. Бидејќи почесен конзул кај нас се носи со одлука на Влада, на седница на Влада, на предлог на Влада, како и амбасадор. Повторно излажа“,
рече членот на Извршниот одбор на СДСМ.
Надоврзувајќи се, тој изнесе и тврдења според кои назначувањето на Адамовиќ произлегува од блиските врски на ВМРО-ДПМНЕ со владејачката Српска напредна партија (СНС), чиј висок функционер е почесниот конзул.
Додека говореше за врските меѓу двете партии, на видеобимот зад Жерновски беше прикажана фотографија на која можат да се видат Мицкоски, Адамовиќ, претседателот на СНС, Милош Вучевиќ.
„Адамовиќ, значи, е негов пријател и бизнис-партнер. Неколку пати рековме, човек со криминално досие, висок функционер на СНС кој се пврзува со петте тони дрога што беше запленета врз основа на информација од ДЕА. Сите настапи, целата политика на Мицкоски е всушност лага. Граѓаните веќе знаат дека неговите зборови ништо не значат“,
рече Жерновски.
Она што мораме на крајот да го констатираме, додаде тој, е дека „40 отсто од медиумите се под контрола на мрежата на (Виктор) Орбан“ и оти тоа е начинот на која таа „шарена лага успева да допре до граѓаните“.
„Владејачката партија лаже. Мицкоски не само што лаже, Мицкоски многу лаже, не дозволувајте повеќе овој човек да ве лаже и понатаму“,
подвлече тој.
