За одлуката за спојување на клиниките за кардиологија и кардиохирургија во Национален институт за кардиоваскуларни болести, Алиу рече дека во моментов тече постапката, односно дека законски треба да поминат 30 дена за институцијата да може и правно да биде како една
Тројцата лекари од странство, кои се дел од комисијата што го испитува случајот со непотребните операции на срце што се вршеле во земјава, сè уште работат, изјави денеска министерот за здравство Азир Алиу, додавајќи дека најверојатно следната недела ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат изнесени повеќе детали.

„Тие работат, но денеска немам нови информации до каде се. Најверојатно следната недела на прес-конференција ќе ве известам за деталите. Тие се ограничија самите, иако јас не сакав да го сторам тоа. Ценам дека сè уште се во таа фаза, во тој временски слот кој е дефиниран од нивна страна“,
рече министерот.
За одлуката за спојување на клиниките за кардиологија и кардиохирургија во Национален институт за кардиоваскуларни болести, Алиу рече дека во моментов тече постапката, односно дека законски треба да поминат 30 дена за да може институцијата и правно да биде како една.
„Веќе имаме директор за администрирање, во овој процес додека се спојуваат двете клиники“,
рече тој.
Идејата за спојување на Клиниките за кардиологија и кардиохирургија, како што вели, е дел од програмата на Владата која предвидува спојување на сите универзитетски клиники на ниво на кампусот „Мајка Тереза“.
„Административните процедури и целата постапка на спојување на клиниките е долга и треба да бидеме претпазливи. Идејата за спојување е за подобрување на здравствените услуги. Овие две клиники и физички се во иста зграда и затоа почнување од нив, а и дејноста им е блиска. Нема да завршиме тука, да видиме кои ќе бидат предизвиците на спојување, зашто за другите клиники веројатно ќе има предизвици и од инфраструктурна гледна точка, но и човечки капацитети“,
кажа тој.
Со спојувањето на сите клиники во комплексот „Мајка Тереза“ ќе раководи администратор економист, за во оваа фаза да може да го менаџира административниот дел.
На новинарско прашање за недостигот од анестезиолози на Клиниката за кардиохирургија, Алиу рече дека се кубури со кадар, но се разговара и со наши доктори што работат надвор од државата, а се анестезиолози. Со еден од нив, како што додаде, веќе се во завршна фаза за потпишување договор.
Според него, за долгорочни решенија се прават законски измени за времетраењето на специјализациите кои, како што вели, кај нас се и до шест години, додека согласно стандардите на Европската Унија се движат од три до четири години.
