Годишното одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, како што се наведува во заедничката изјава на телата на Обединетите нации, се случува во сенка на трагичниот настан населбата Карпош, кој, како што се додава, е болен потсетник дека родово базираното и семејното насилство и понатаму остануваат една од најраспространетите и најразорни форми на насилство што ги погодуваат жените и децата
Доказите покажуваат дека 45 отсто од жените во С Македонија доживеале насилство од интимен партнер, а само околу 2 отсто од тие што преживеале ваква траума се решиле да пријават во полиција. Ова се вели во дел од заедничката изјава на телата на Обединетите нации во земјава по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

„Додека Северна Македонија се подготвува да го одбележи Меѓународниот ден на жената во 2026 година, семејството на Обединетите нации во земјата им се придружува на жените, девојчињата, семејствата и заедниците низ земјата – и светот – во повик за иднина каде секоја жена и секое дете ги уживаат своите целосни права, еднаква правда и живот без насилство, дискриминација и страв“,
се вели во заедничката изјава на Меѓународната организација за труд, телото на ОН за миграција, УНДП, УНЕСКО, УНФПА, УНХЦР, УНИЦЕФ, Организацијата на жени на ОН, Светската банка и Светската здравствена организација (СЗО).
Годишното одбележување, како што се наведува во изјавата, се случува во сенка на трагичниот настан во кој два живот се изгубени како последица на семејно насилство. Станува збор за случајно во населбата Карпош, каде што 31-годишна жена и нејзината шестгодишна ќерка беа пронајдени мртви по пад од балкон.
Оваа трагедија, велат телата на ОН во земјава, е болен потсетник дека родово базираното и семејното насилство и понатаму остануваат една од најраспространетите и најразорни форми на насилство што ги погодуваат жените и децата.
Според нив, иако е очигледен напредокот на земјата во усогласувањето на законодавството со Истанбулската конвенција, Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за насилство и вознемирување (2019, бр. 190), трагедии како оваа нè потсетуваат дека правните обврски мора да се преточат во реална заштита.
Насилството во домот, според телата на ОН, не е приватна работа, туку сериозно кршење на човековите права, а кога жената не безбедна, не се безбедни ниту децата, се вели во изјавата.
Децата што сведочат или доживуваат насилство се соочуваат со доживотни последици врз нивната благосостојба, развој и емоционална сигурност, велат од ОН, а кога станува збор за нивната и заштитата на жените од родово базирано и семејно насилство, времето е од суштинско значење.
„Секое одложување на постапувањето по пријавите ги става жените и децата во поголем ризик и ја поткопува довербата во системите за заштита. Во премногу случаи постапките се одложуваат, а жртвите се враќаат во средини каде насилството се случило, што ја нагласува итната потреба од ефективна и навремена интервенција. Системите за заштита мора да обезбедат сите жени и деца да можат безбедно да пристапат до поддршка, вклучително и оние кои се соочуваат со дополнителни бариери поради преселба, правен статус или зголемена ранливост. На овој Меѓународен ден на жената, темата ‘Права. Правда. Акција за сите жени и девојчиња’ нè повикува сите нас – владите, институциите, заедниците, работодавачите, соседите и семејствата – да дадеме поддршка, внимание, ресурси и дејствување за жените и децата да добијат безбедност, достоинство, правда и надеж“,
се вели во изјавата.

Во девет точки, телата на ОН во земјава сумираат што треба да се преземе дека за да се застане на патот на родово базираното и семејно насилство и кои се придобивките од тоа за целото општество.
- Да се обезбеди одговорност, да добиеме правда: Системите мора да реагираат брзо и ефикасно на секоја пријава, со што ќе се обезбеди жените и децата да имаат доверба дека службите за заштита ќе соодветно постапат.
- Да посветиме внимание, да добиеме рана превенција: Раното препознавање на ризиците преку училиштата, здравствените центри, социјалните служби, полицијата и заедниците може да спречи штета пред да ескалира случајот.
- Да дадеме заштита, да добиеме безбедност: На жените и децата им се потребни безбедни засолништа за итно сместување, но потребни се поголеми напори насочени кон отстранување на сторителите, нивно повикување на одговорност и работа со нив за спречување идни случаи. Жените и децата исто така имаат потреба од услуги за поддршка, правна помош и навремен институционален одговор.
- Да се инвестира, да добиеме посилни услуги: Добро финансирани и зајакнати социјални служби се клучни – со стручен кадар кој е обучен, опремен и поддржан да ги штити жените и децата.
- Да дадеме поддршка, да добиеме посилни семејства и заедници: Програми за позитивно родителство, родова еднаквост и ненасилни односи менуваат норми и долгорочно го намалуваат насилството.
- Да охрабриме, да добиеме општествена промена: Солидарноста во заедницата, јавното осудување на насилството и застапувањето за безбедноста на жените ја менуваат културата и спречуваат злоупотреба.
- Да креираме ресторативни програми, да добиеме трајна промена: Одговорноста на сторителите мора да оди рака под рака со програми за промена на однесување, управување со гнев и едукација за родово базирано насилство.
- Да дадеме еднакви можности, да добиеме просперитетна економија: Економското зајакнување на жените и пристапот до квалитетна работа, домување и услуги за грижа се конкретни инвестиции за стабилни услови и идни генерации.
- Да создадеме еднаквост во општествените нормите, да добиеме почит и безбедност: Справувањето со родовите стереотипи и штетните општествени норми е клучно за спречување на насилството. Преку образование, медиуми и вклучување на заедницата, општествата можат да промовираат еднаквост, да се спротивстават на дискриминацијата и да градат односи засновани на почит и заедничка одговорност.
На крајот од заедничката изјава се вели дека семејството на Обединетите нации во С Македонија изразува солидарност со сите жени и деца во земјата и останува посветено на поддршка на националните власти, институции и заедници за зајакнување на системите за превенција, заштита и одговор – за да се осигура дека ниту една жена и ниту едно дете нема да живее во страв.
„Овој Меѓународен ден на жената, да се заложиме за општество каде што секоја жена и секое дете се безбедни, заштитени и почитувани – дома, во училиштето и во заедницата“,
се подвлекува во изјавата.
