Според Управата за хидрометеоролошки работи, денеска во попладневните часови ќе има зголемување на облачноста, а утре се очекува појава на локални врнежи од дожд, но без промена на дневната температура
Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на магла по одделени котлини, додека во попладневните часови ќе има зголемување на облачноста, се вели во временската прогноза за денеска од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ќе дува слаб до умерен ветер, кој претежно ќе биде од јужен правец.

Утринската температура ќе се движи во интервал од минус два до пет Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје се очекува слично време, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а максималната температура во главниот град ќе се искачи до 17 Целзиусови степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, и во наредните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен утре, кога се очекуваат повремени локални врнежи од дожд. И во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
