Во моментов е во тек вонреден инспекциски надзор во скопскиот Центар за социјални работи за да се утврди фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата
Починатата жена од скопско Тафталиџе и нејзиниот сопруг првпат биле евидентирани во Центарот за социјални работи во Скопје на 7 октомври минатата година, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак. На 2 февруари годинава, пак, во Центарот бил доставен допис од Министерството за внатрешни работи кој се однесува на настан од 19 декември лани за физички напад врз жената од страна на нејзиниот сопруг.

Ова се првичните информации што денеска ги објави Министерството за социјална политика, демографија и млади во врска со трагичниот случај во Тафталиџе во кој мајка и нејзината малолетна ќерка загинаа по пад од зграда.
Од Министерството информираат дека е во тек вонреден инспекциски надзор во скопскиот Центар за социјални работи за да се утврди фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата во врска со случајот.
„Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување, јавноста транспарентно ќе се информира за наодите и за понатамошните мерки. Министерството будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита“,
велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Децидни се дека секој пропуст, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено и соодветно санкционирано.
