По разговорите со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, Кремљ објави дека двете страни изразиле сериозна загриженост за реалниот ризик од проширување на зоната на конфликт, која веќе ги зафати териториите на голем број арапски земји и има катастрофални последици
Рускиот претседател Владимир Путин денеска разговарал со четири клучни лидери на земјите од Персискиот Залив и предупредил на опасноста дека американските и израелските напади врз Иран би можеле да прераснат во поширок регионален конфликт, објави Cи-ен-ен.

По разговорите со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, Кремљ објави дека двете страни изразиле сериозна загриженост за реалниот ризик од проширување на зоната на конфликт, која веќе ги зафати териториите на голем број арапски земји и има катастрофални последици.
Путин ја нагласил потребата од дипломатија за решавање на исклучително опасна ситуација, додека, според Кремљ, саудискиот престолонаследник порачал дека Москва, благодарение на добрите односи со Иран и земјите од Заливот, може да игра стабилизирачка улога.
Русија постојано ги осудува американските и израелските напади и атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Путин разговарал и со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
„Двете страни ја нагласија потребата од прекин на непријателствата и враќање на политичкиот и дипломатскиот процес“,
соопшти Кремљ.
Исто така, Кремљ објави дека Путин и емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, во телефонскиот разговор изразиле загриженост за ризикот од ширење на конфликтот на Блискиот Исток и опасноста од вклучување на трети земји во него.
Рускиот претседател разговараше и со кралот на Бахреин, наведува Кремљ.
