СДСМ ја обвини Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дека работи под диктат на ВМРО-ДПМНЕ и оти на оваа партија ѝ ја дала целата минутажа предвидена за рекламирање на двете опозициски партии.
„Ставајќи се целосно во партиска служба, директорот на Агенцијата назначен од ВМРО ДПМНЕ, Зоран Трајчески, не го почитува законот и известувањето на ДИК за распределба на медиумски простор за двете најголеми опозициски партии. Иако во описот се вели дека 6 минути им припаѓаат на двете најголеми опозициски партии, кои на последните избори за пратеници имаат освоено повеќе гласови, АВМУ им наредува на медиумите да ги распределат сите 6 минути единствено на ВМРО ДПМНЕ. Во ваков случај на движењето Беса кое во коалиција со СДСМ му се нанесува штета“,
вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека АВМУ го игнорирала обраќањето на ДИК до Беса за да се изготви план за медиумско претставување и издала наредби спротивни на Изборниот законик.
„ВМРО ДПМНЕ е навикната да ги контролира медиумите и сиот простор да биде за нив. Остатоците од режимот со последни сили се обидуваат на секој начин да се спасат колку можат. Уште не почнат, ризикуваат да загрозат демократски изборен процес, со што и нанесуваат штета на државата и евроинтегративниот процес“,
вели Кузеска.
Минутажата за рекламирањето на партиите во кампања е регулирана членот 7 од Уредбата со законска сила која ја донесе Владата откако беше постигнат договор за избори на 15 јули.
„За време на изборната кампања, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути“,
гласи членот 7 од Уредбата.
Кампањата за изборите, а со тоа и рекламирањето, почнува на 24 јуни.
