„Да се пушта во употреба магистрален пат што минува низ општината, а притоа да не се покани првиот човек на општината, не е протоколарна грешка – туку најверојатно прашање на принцип и политичка зрелост“, коментира градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во објава на Фејсбук
Со туѓ труд и со туѓи перја навистина е лесно да се фотографира – коментира утринава на Фејсбук кривопаланечкиот градоначалник Сашко Митовски, алудирајќи на вчерашното свечено пуштање во употреба на реконструираната обиколница кај Крива Паланка.

Митовски, кој, инаку, е кадар на СДСМ, вели дека не бил поканет на вчерашното отворање на обиколницата, на кое, меѓу другите, беа присутни премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски.
„Да се пушта во употреба магистрален пат што минува низ општината, а притоа да не се покани првиот човек на општината, не е протоколарна грешка – туку најверојатно прашање на принцип и политичка зрелост. Кога институциите се ставаат во втор план, а во прв план доаѓа партиското раководство, пораката е повеќе од јасна“,
пишува Митовски во фејсбук-објавата.
Особено, додава тој, ако станува збор за проект чија подготовка, проектирање и финансиско обезбедување се реализирани во време на СДСМ и кој е вклучен во програмите на државните патишта.
„Со туѓ труд и перја навистина лесно се фотографира. Но, граѓаните во Крива Паланка одамна ја препознаваат разликата помеѓу развој и маркетинг – и тоа го кажаа и на последните локални избори. Тие сакаат работа, резултати и меѓусебна почит. А тоа не се гради со пресечени ленти, туку со одговорност и вистинска работа“,
додава кривопаланечкиот градоначалник.
Во присуство на владини претставници вчера беше пуштена во употреба реконструираната обиколница кај Крива Паланка. Според премиерот Христијан Мицкоски, ваквите проекти се додадена вредност во животот на граѓаните и за македонската економија, кои треба да донесат инвестиции од, како што кажа, стотици милиони евра.
