Премиерот Оливер Спасовски вечерва преку Фејсбук одново апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од ширење на коронавирусот и со тоа да придонесат за намалување на бројот на новозаразени. Спасовски особено го потенцира големиот број смртни случаи.
„Ковид-19 секојдневно одзема животи. Денешниот висок број починати зборува само за едно: вирусот е тука, опасен е, а може да биде и смртоносен. Иако најголем дел од граѓаните се без симптоми, секој од нас може да биде под потенцијален здравствен ризик. Апелирам, силно да се посветиме сите, преку строго преземање лична заштита да го намалиме бројот на новозаразени“,
наведува Спасовски.

Тој нагласува дека е потребен ангажман од секого за да се воспостваи целосна контрола врз епидемијата, бидејќи во спротивно уште долго време ќе се бориме со ризиците.
„Само од нас и од никој друг зависи каков ќе биде исходот од оваа битка. Да ги направиме едноставните и неопходни чекори, без исклучок. Да носиме маски, да избегнуваме поголеми собири, да држиме дистанца и редовно да дезинфицираме. Да го штитиме нашето здравје, а со тоа ќе го заштитиме и јавното здравје“,
напиша Спасовски на Фејсбук.
