Сега Советот на ЕУ треба да ѝ даде на Комисијата овластување да отвори преговори со партнерите од Западен Балкан. Откако ќе добие овластување, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секоја од шесте земји
Предлогот, како што велат од Комисијата, е конкретен пример за пристапот на ЕУ кон постепена интеграција пред пристапувањето во ЕУ, како што е наведено во Планот за раст на Западен Балкан од 2023 година

Европската комисија објави дека ќе побара одобрение од Европскиот совет за отворање преговори со земји од Западен Балкан за укинување на роамингот за оние што патуваат во државите членки на ЕУ. Ова би се однесувало на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Сега Советот на ЕУ треба да ѝ даде на Комисијата овластување да отвори преговори со партнерите од Западен Балкан. Откако ќе добие овластување, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секоја од шесте земји.
Од Комисијата велат дека откако ќе се склучат договорите со секој од партнерите и целосно ќе се усогласат со правилата за роаминг на ЕУ, луѓето што патуваат помеѓу ЕУ и Западен Балкан ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат текстуални пораки и да користат мобилни податоци без дополнителни трошоци за роаминг.
„Ова значи беспрекорна поврзаност по домашни цени не само за граѓаните и бизнисите од Западен Балкан што ја посетуваат ЕУ, туку и за патниците од ЕУ во Западен Балкан. Договорот ќе им овозможи на луѓето и компаниите од двете страни полесно и попристапно да останат во контакт додека се во странство за студирање, работа или одмор“,
се вели во соопштението од Европската комисија.
Предлогот, како што велат од Комисијата, е конкретен пример за пристапот на ЕУ кон постепена интеграција пред пристапувањето во ЕУ, како што е наведено во Планот за раст на Западен Балкан од 2023 година.
„Планот за раст ги носи придобивките од членството во ЕУ преку прогресивно интегрирање на партнерите од Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ. Овој фазен пристап обезбедува опипливи придобивки за граѓаните и бизнисите веќе пред полноправното членство, додека останува цврсто вкоренет во процесот на проширување“,
се додава во соопштението.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос вели дека предлогот е донесен затоа што трошоците за роаминг се проблем за луѓето низ целиот Западен Балкан
„Тие влијаат на работниците што ги преминуваат границите или на семејствата кои едноставно сакаат да останат во контакт. Изненадувачки сметки или повисоки трошоци при патување се нешто што повеќе не го знаеме во ЕУ. Денес предложивме да се прошири ова на Западен Балкан. Тоа би значело полесни повици и мобилни податоци што функционираат по домашни цени“,
вели Кос.
Хена Виркунен, извршен потпретседател за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, вели дека ова се добри вести и за граѓаните и за бизнисите и додаде оти денес се прави значаен чекор кон приклучување на роаминг-семејството на ЕУ на партнерите од Западен Балкан.
Инаку, „360 степени“ минатиот месец ја актуализира темата за „роаминг како дома“ откако на 1 јануари на Молдавија и Украина и формално им беше укинат роамингот.
Во врска со тоа зошто Северна Македонија не е дел од системот на ЕУ наречен „роаминг како дома“, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за „360 степени“, рече дека идејата е на маса уште од 2014 година, но не е реализирана поради два клучни аспекти.
„И моите претходници и претходните влади се обидувале на некој начин да дискутираат, но ќе дојдам до тоа дека, за жал, не беше завршена домашната задача. Вториот аспект, политичкиот, сметам дека потекна од Украина поради кризата и беше вграден во договорите со Украина и со Молдавија во моментот кога тие беа потпишани. Кај нас, и кај Црна Гора и Албанија, нема потпишано таков вид договор, што значи ќе треба билатерално да се договараме“,
рече министерот.
Андоновски објасни дека земјата требало уште во 2018 година да го приспособи Европскиот комуникациски код во нашиот Закон за електронски комуникации заедно со уште четири други регулативи: две од 2016 година, една од 2018-2019 и една од 2022 година.
„За жал, ниту една од овие регулативи не биле пренесени во македонското законодавство. Ние направивме еден голем чекор со донесувањето на Законот за електронски комуникации во текот на 2025“,
додаде тој.
Министерот објасни дека од јуни до декември минатата година работеле на доусогласување и расчистување на гап-анализите и оти се направени четири анализи во кои точно се знае кој член од која од регулативите треба да се пренесе како измена на закон.
Андоновски рече дека сега ќе треба да се менува Законот за електронски комуникации.
Во однос на тоа кој е реалниот рок за земјите од Западен Балкан да имаат роаминг со ЕУ по цени како да се дома и кои се предусловите за да се дојде до вакво решение, од Делегација на ЕУ за „360 степени“ велат дека прво мора да се исполни правната усогласеност и оти земјата кандидат мора да го докаже својот капацитет за следење и спроведување на заедничкото европско право за роаминг. Во оваа фаза, како што рекоа од Делегацијата на ЕУ, нема утврден рок за завршување на процесот.
На прашањето дали треба да се очекува заедничка одлука за Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, или оваа придобивка не зависи од другите, од ЕУ велат режимот „роаминг како дома“ би се применувал за секоја земја поединечно, врз основа на нејзината усогласеност со законодавството на ЕУ за роаминг и капацитетот за спроведување, додека процесот може да се одвива паралелно за неколку партнери од Западен Балкан во зависност од нивната подготвеност.
„Бидејќи процесот е сложен, Комисијата во моментов го проценува најдобриот пристап што треба да се следи“,
одговорија оттаму.
