Во нападот се повредени вкупно 13 лица, од кои шест се наоѓаат на интензивна нега, а тројца се во критична состојба
Бројот на загинати во пукањето што пред два дена се случи во средно училиште во Турција се искачи на десет, откако еден од повредените ученици им подлегна на повредите во болница, информира турскиот министер за внатрешни работи, Мустафа Чифтчи.
Ова следи откако пред два дена во училиште во Кахраманмараш се убиени девет лица, а тринаесет повредени откако 14-годишен ученик отвори оган врз нив.

Станува збор за ученикот Јусуф Тарик Ѓул, кој починал и покрај напорите на лекарите да му го спасат животот.
Во нападот се повредени вкупно 13 лица, од кои шест се наоѓаат на интензивна нега, а тројца се во критична состојба.
Пукањето се случи во средното училиште „Ајсер Чалик“ во провинцијата Кахраманмараш, каде на местото на настанот се убиени наставничката по математика и девет ученици.
Напаѓачот, 14-годишниот ученик Иса Арас Мерсинли, исто така го загуби животот за време на пукањето.
Гувернерот Мукерем Унлуер изјави дека сè уште не е целосно утврдено како настрадал напаѓачот и дека случајот е предмет на истрага.
Според првичните информации, ученикот во средата отворил оган во две училници, а се претпоставува дека оружјето го земал од својот татко, кој е пензиониран полицаец.
Властите информираат дека мотивите за нападот засега не се познати, додека истрагата продолжува.
Турската полиција вчера привела 83 лица, блокирала 940 профили на социјалните мрежи и затворила 93 групи на апликацијата за пораки Телеграм поради објави што негативно влијаат врз општеството и ги величаат криминалот и криминалецот, како дел од мерките што се преземени како дел од истрагите за пукањата во училиштата во Кахраманмараш и Шанлиурфа.
