„Независноста на правосудниот систем е темел на владеењето на правото и уставна обврска, а не предмет на толкување од стана на јавноста, уште помалку од политичките партии. Оттука сакаме да повториме дека очекуваме процесот да се одвива со целосно почитување на пресумпцијата на невиност, процесните права и достоинството на секое лице вклучено во постапката“, се вели во соопштението од партијата
Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на, како што велат од опозициската партија, однесувањето на бројни политички партии, кои преку своите јавни настапи вршат длабока политизација на случајот со Артан Груби, кој по повеќе од една година бегство се врати од државата.

Според партијата, чиј кадар беше Груби додека ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер, неприфатливо е правните процеси да се водат надвор од институционалната и правна рамка, што е гарантирано со Уставот.
„Изминативе два дена сведочиме на тоа како политичките партии, нивни високи претставници и активисти, преку соопштенија и други јавни настапи, создаваат атмосфера на хистерија и линч преку однапред дефинирана пресуда. Тие целосно ја преземаат улогата на обвинители и судии, расфрлајќи се со мерки за претпазливост, јавно повикуваа на линч на претставниците на обвинителството и судот, без никакво елементарно почитување на принципот на презумција на невиност. Ова особено што тоа го прават и партии кои се дел од Власта, што упатува на директно мешање од страна на извршната врз судската власт“,
се наведува во соопштението од ДУИ, што го пренесува државната новинска агенција МИА.
Оттаму додаваат дека веќе го реафирмирале нивниот став дека секој поранешен или актуелен функционер, за кого постои сомневање при извршувањето на функцијата, треба да се соочи со институциите и постапките пред домашните органи.
Токму затоа, велат интегративците, ја сметаат за позитивна одлуката на Артан Груби да се пријави на правосудните органи, и преку институционалните форми да ги соочи аргументите на својата одбрана.
„Но тоа претставува логичен став само доколку во исто време државата гарантира фер, непристрасна и транспарентна процедура, ослободена од партиски влијанија и политички притисоци“,
велат од ДУИ.
Од партијата, во таа смисла, упатуваат повик до судот, обвинителството и сите надлежни органи да не потпаѓаат, како што наведуваат, под политички притисоци и да постапуваат исклучиво врз основа на закон и докази.
„Независноста на правосудниот систем е темел на владеењето на правото и уставна обврска, а не предмет на толкување од стана на јавноста, уште помалку од политичките партии. Оттука сакаме да повториме дека очекуваме процесот да се одвива со целосно почитување на пресумпцијата на невиност, процесните права и достоинството на секое лице вклучено во постапката. Демократската унија за интеграција ќе продолжи внимателно да ја следи целата постапка во сите нејзини фази и ќе реагира на секој обид за селективност, двојни стандарди или политичка инструментализација на правдата“,
се наведува во соопштението од ДУИ.

Инаку, реакции во јавноста и кај партиите уследија откако Обвинителството предложи, а Судот одобри куќен притвор за Артан Груби, кој завчера по повеќе од една година бегство се појави во земјава.
Од Јавното обвинителство вчера информираа дека за ваквата одлука биле исполнети специфични услови, односно дека Министерството за внатрешни работи и (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во затворот во Шутка не може да му се гарантира безбедноста на Груби.
Реакцијата на ДУИ доаѓа и откако вчера министерот за правда Игор Филков ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници и да утврдат дали има елементи за одговорност кај јавниот обвинител и кај судијата кој побарал, односно ја изрекол мерката куќен притвор за Груби.
На наводите на Филков, одговори членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, која во објава на Фејсбук напиша дека Советот нема потреба да заседава и да расправа во врска со одлуката на судијата на претходна постапка, кој на барање на Обвинителството му одредил куќен притвор на поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби.
„Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка“,
вели Јошевска-Анастасовска.
Во меѓувреме не стивнуваат меѓусебните обвинувања меѓу опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија и владејачката ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Кривичниот суд да го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје.
Од „Бихаќка“ го повторуваат ставот дека случувањата поврзани до Груби се однапред договорени и режирани од ВМРО-ДПМНЕ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а сега се реализираат пред очите на јавноста.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, наведува дека го разбираат револтот на граѓаните од одлуката, но, според нив, тој се должи на состојбите во правосудниот систем што зад себе ги оставило седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ.
