Но, се’ уште на сила се мерките за заштита за враќање во нашата држава, а за чие укинување ќе се разговара во текот на викендот
Македонските државјани во моментов без обврска за валиден ПЦР тест за коронавирус и карантин од земјите во соседството можат да патуваат само во Србија, Албанија и Косово.
Албанија со одлука на тамошната Влада границата за странски и домашни државјани ја отвори на 1 јуни, при што не се предвидени посебни протоколи, освен вообичаените мерки за носење заштитна маска и одржување физичка дистанца.
За влез во Србија, од 22 мај нема потреба од негативен тест на коронавирус или посебна дозвола, како за домашните, така и за странските државјани.

Косовските власти, исто така, ги отворија копнените граници за сите соседни земји, за домашните и за странски државјани. Не е потребен тест ниту карантин, или самоизлоација при влез во земјата. Се врши само проверка на температурата на лица по случаен избор од страна на здравствен тим.
Регион
За патување во Бугарија и Грција како земји членки на ЕУ важат насокоите дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули, годинава, Така за влез во Р. Бугарија не е дозволен за македонските државјани, освен за транзитирање кон Република Северна Македонија или кон држава членка на ЕУ (под одредни услови). Забраната се однесува на сите гранични премини во периодот од 18 јуни до 30 јуни. При транзитирањето не е задолжителен ПЦР тест, ниту карантин или самоизолација.

Од 15 јуни грчките власти ги отворија границите за поголем дел од граѓаните на ЕУ, но не и за нашите државјани, за кои влез ќе биде можен од 1 јули. Исклучок се возачите на камиони. Забраната за влез од С.Македонија во Грција важи и за странските државјани кои транзитираат низ нашата земја, вклучително и државјани на ЕУ.

На 1 јуни Црна Гора ги отвори своите граници за 130 земји во кои бројот на активни случаи е помал од 25 на 100.000 жители и ги укина повеќето преземени мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот. Условот за бројот на активни случаи го прави неможно патувањето на наши државјани во оваа земја.
За Словенија е потребен ПЦР тест доколку доаѓаш од држава која има неповолна епидемиолошка слика. Словенците имаат список на држави којшто го менуваат во зависност од развој на настани. С.Македонија е во листата земји заедно со Србија, Косово и БИХ чии граѓани при влез во земјата мораат да достават тест не постар од три дена или 72 часа. Потоа одат 14 дена во самоизолација. Од ова правило се изземени транспортерите, односно возачите на камиони. Тестот во Словенија чини 96 евра, а резултатите ги добиваш за најмногу 24 часа. За земјите од ЕУ не е потребен тест, и нивните граѓани можат да влегуваат надвор од таканаречените „влезни точки“ каде што медицински лица ти мерат температура и слично.
Во Хрватска ако се поседува резервација во хотел или слично не е потребен ПЦР тест. Ова се однесува на трети земји не и за тие од ЕУ.
Австрија се граничи со земји на ЕУ и протокот на луѓе е регулиран во координација со ЕУ. За граѓаните од Западен Балкан, вклучително и за нашата земја, важат правилата кои се носат во Брисел.
Информација за режими на движење и правила за транзит на државјани на Република Северна Македонија во други земји,во Евопа и пошироко, во контекст на пандемијата со Ковид 19 објави МНР на својата веб страница.
Наскоро целосно отворање на границите
Но, иако, со одлука на Владата од 17 јуни отворени се сите гранични премини во државата, остануваат да важат активните мерки за заштита од ширење од коронавирусот, а обврската за задолжителен ПЦР тест и карантин при влез во земјава ги обесхрабрува граѓаните да заминат на патување вон границите.
Владата претходно го дополни и Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, и од денеска протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ нашата територија.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека за време на викендов ќе се разговара за целосно отворање на границите односно за слободен проток на граѓани без тестови и изолација, а конечната одлука за тоа би можело да биде донесена на почетокот на следната недела.
Според него, со отворањето на границите во целиот регион, карантините ја губат смислата заради тоа што веќе ќе има слободен проток на граѓани, возила итн.
Авиосообраќајот се уште затворен
Наспроти патниот, авионскиот сообраќај во земјата се уште е во прекин. Министерот за транспорт Горан Сугарески минатата недела изјави дека се разговара, но оти се уште е рано за одлука за отворање на аеродромите.

Во меѓувреме, нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер најави дека до 13 јули ја продолжува суспензијата на летови до и од Северна Македонија поради продолжувањето на рестрикциите за патување наменети за сите странски летови.
