„Куќниот притвор е последица на подготвеноста на Груби институционално да се соочи со сопствените гревови. Поентата е дека институциите конечно ја отвораат темата што ДУИ со години ја закопуваше, како се управуваше моќта и каде завршија одлуките и парите“, пишува во реакцијата од коалицијата
Во Демократската унија за интеграција (ДУИ) владее паника, не од правдата, туку од тоа што поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби знае премногу. Тој е сведок на сите матни зделки, на сите политички конструкции и на сите договори што со години се правеле на штета на граѓаните. Ова е денешната реакција на владејачката коалиција ВЛЕН откако доцна синоќа од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека судија на претходна постапка по сослушувањето на Груби донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување на неговото присуство.

„Куќниот притвор е последица на подготвеноста на Груби институционално да се соочи со сопствените гревови. Поентата е дека институциите конечно ја отвораат темата што ДУИ со години ја закопуваше, како се управуваше моќта и каде завршија одлуките и парите“,
велат оттаму.
Нарекувајќи го Ахмети стар лисец и мајстор на политичкиот занает, од коалицијата велат дека, сепак, тој од вчера стана ранет играч кој чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник, бидејќи Груби како црна кутија на владеењето на ДУИ се ставил на располагање на правдата.
„Артан Груби не беше обичен функционер. Тој беше извршител, координатор и доверлив човек за сите клучни одлуки во изминатите години. Од заткулисни договори, преку сомнителни тендери до политички пазари, Груби беше присутен секаде каде се кроеше моќта на ДУИ. Затоа, сега не станува збор само за индивидуална одговорност, туку за систем што почнува да се расплетува. Вистината неизбежно ќе почне да излегува на површина“,
се вели во реакцијата на коалицијата.
Според ВЛЕН, ДУИ се соочува со најтешкиот момент на своето постоење откако доби катастрофален пораз на локалните извори и по распадот на лажните ветувања за предвремени избори за сигурен влез во Владата.
„Враќањето на Груби не е крај на процесот. Тоа е почеток. Почеток на расплет кој може да доведе до целосно разобличување на начинот на кој функционираше ДУИ. Прашањето не е дали ќе има политички последици, туку колку длабоки ќе бидат тие“,
велат од ВЛЕН.
Ако црната кутија е Групи, тогаш, сметаат од коалицијата, нејзното преслушување ќе значи и директен удар врз Ахмети, а истовремено останува да се види кој сè ќе понесе одговорност во следните денови.
„ДУИ веќе не ја контролира приказната, туку таа почнува да ја контролира ДУИ“,
пишува во соопштението од владејачката коалиција.
Груби вчера наутро во 6:10 часот се појави на косовско-македонската граница при влез во земјава на граничниот премин „Блаце“, по што беше спроведен од полицијата.
Беше однесен во затворот „Скопје“, во населбата Шуто Оризари, а потоа оттаму однесен на распит во Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Основниот кривичен суд Скопје синоќа соопштија дека судија на претходна постапка по сослушувањето на Груби донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување на неговото присуство.
Инаку, Груби е второосомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од земјава и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Тогаш тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати дома.
Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот.
