Министерката Јаневска, одговарајќи на критиките за нацрт-законот за високо образование, кои му овозможуваат на министерот да утврдува незаконитости во одлуките на универзитетите, да иницира статусни промени на јавните високообразовни установи и да предлага членови во универзитетските совети, вели дека целта е модернизација, а не контрола

Критиките дека со новиот нацрт-закон за високо образование се нарушува автономијата на универзитетите се неосновани, а одредбите посочени како спорни може да се допрецизираат доколку академската заедница понуди подобри решенија, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговарајќи на прашања за забелешките дека со новиот акт се концентрира прекумерна моќ кај министерот.
Во фокусот на критиките се одредбите што му овозможуваат на министерот да утврдува незаконитост на одлуките на универзитетите, да иницира статусни промени на јавните високообразовни установи и да предлага членови во универзитетските совети.
Јаневска објаснува дека можноста министерот да запре незаконит акт не е новина и тврди дека не значи арбитрарна интервенција.
„Прво, одредени одредби од законот ги има и во претходниот закон, ние малку сме ги преформулирале. Да, има во еден член во кој велиме дека ако министерот утврди дека се случува незаконски нешто некаде во некој универзитет, има право да запре таков акт“,
рече Јаневска.
Таа вели дека министерот не може самоволно да утврди незаконитост, туку мора да се потпре на институционални механизми и докази.
„Министерот не може да утврди арбитрарно. Значи, мора да има некаква процедура по која ќе утврди министерот. Еве првенствено и тоа што и сега се случува, ако никогаш не профункционира како што треба Агенцијата за квалитет во високото образование, работеше само Одборот за акредитација и штанцаше акредитации до 2030 година, комплетно непотребни – и тие се согласуваат дека се непотребни – имаат по два-три студенти на кои им предаваат 20 професори. Но, евалуациите никогаш не профункционираа. Со новата власт се направени за девет месеци девет евалуации. Државниот просветен инспекторат никогаш не направил толку вонредни надзори“,
изјави таа.
Како пример, министерката наведе и ситуации кога универзитетите би запишувале прекубројни студенти или би правеле административни злоупотреби.
„Значи, министерот, со оглед на тоа дека државата го генерира јавниот интерес на универзитетите со тоа што финансира, мора да има право да спречи незаконско работење. За ништо друго не зборуваме“,
рече Јаневска.
Во однос на механизмот, министерката посочува дека постои судска заштита за сите засегнати страни.
На забелешките дека законот предвидува формирање „соодветна комисија“ од министерот, без јасни критериуми за составот, Јаневска одговори дека формулацијата може да се подобри.
„Не е така, но доколку сметаат колегите од факултетите и имаат подобра формулација, со задоволство ќе ја промениме оваа што ја имаме“,
кажа Јаневска.
Таа додава дека министерот не смее да биде „соучесник во кршење на закони“ и дека одлуките ќе се темелат на стручни тела, а не на лична проценка.

Во споредбите со законите на земји од ЕУ, Јаневска посочува дека постојат различни модели, вклучително и многу поинтервенционистички од македонскиот, а како пример го наведе францускиот модел.
Според неа, вистинската цел на законот не е контрола, туку модернизација на системот.
„Ние со ова сакавме да воведеме меритократија, интернационализација, вмрежување, промена на овие безброј студентски програми, па понудивме модуларност, им понудивме на студентите разни можности. Тоа е целта. За спорниов член ќе се договориме како ќе речат дека треба да се формулира, така“,
изјави министерката.
Кога станува збор за можноста за спојување, поделба или укинување факултети, министерката рече дека министерството само предлага статусни промени, а конечната одлука ја носи Собранието.
„Тоа мора да помине преку Собрание. Тоа не може министерот сам да го одлучи“,
рече таа.
Јаневска вели дека на ист начин биле формирани и постојните универзитети, вклучително и Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
По објавувањето на нацрт-законот за високо образование на ЕНЕР, на критики наиде и составот на универзитетските совети, каде што мнозинството членови не доаѓаат на предлог на универзитетите (од 11 члена, петмина се на предлог на универзитетот, четворица именува Владата на предлог на министерот, еден е од Стопанската комора и еден од универзитетското студентско собрание). Јаневска вели дека тие тела немаат извршна власт, туку надзорна и советодавна улога.
Според неа, нивната главна функција е финансиска отчетност кон државата која ги финансира институциите.
„Тоа тело само ја следи работата, дава препораки, усвојува некои акти и е како тело кое служи, повторувам повеќе пати за да го слушнат тоа нашите колеги, да ја види отчетноста за финансиите што Владата ги дава на универзитетите“,
рече таа.
Јаневска додава дека слични механизми постојат во повеќе европски земји и дека законот не е конечен документ.
Министерката во интервјуто кажа и дека Владата останува отворена за корекции во текот на јавната дебата, нагласувајќи дека ниту еден закон не е трајно решение.
Целта, вели таа, е систем што ќе обезбеди квалитетно образование, одговорно управување со јавните средства и поголема конкурентност на универзитетите на меѓународно ниво.
Доколку академската заедница предложи подобри формулации, тие ќе бидат разгледани и вградени во финалниот текст на законот – порача министерката за образование и наука.
