Микрочипирањето на милениците, како што велат од АХВ, има за цел трајна идентификација на животните, спречување нивно напуштање и контрола на нивното размножување, но и нивно полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба
Вчера, пак, од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ алармираа дека проблемот со бездомните кучиња во главниот град не е само последица на уличната репродукција, туку резултат на неодговорното сопствеништво. Од Здружението бараат напуштањето миленик да стане кривично дело

Сопствениците на домашни миленици – кучиња да ја исполнат законската обврска за идентификација на своите миленици со микрочип, апелираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Со тоа, додаваат од АХВ, тие се регистрираат во модулот за домашни миленици во информативниот систем на Агенцијата, а по извршената регистрација се издава и пасош за домашен миленик.
Од АХВ појаснуваат дека апликацијата на микрочипот е еднократна постапка, а миленикот го носи чипот до крајот на животот.
„Микрочипирањето е основа за дефинирање на сопственоста на домашниот миленик, за обезбедување навремена и квалитетна здравствена заштита на животните и поголема безбедност за сопствениците, од аспект на пренесување на заразните болести од животните на луѓето“,
се вели во соопштението од АХВ.
Оттаму ги потсетуваат сопствениците што веќе ги имаат микрочипирано своите миленици дека имаат законска обврска да ја пријават секоја промена на податоците за животното или за сопственикот во надлежното ветеринарно друштво, кое треба да ја ажурира електронската база на податоци.
Од АХВ посочуваат дека во базата на податоци треба да се евидентира и угинувањето, губењето или купопродажбата на животните.
Микрочипирањето на милениците, како што велат од АХВ, има за цел трајна идентификација на животните, спречување нивно напуштање и контрола на нивното размножување, но и нивно полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба.
Вчера, пак, од здружението за заштита на животни „Анима мунди“ алармираа дека проблемот со бездомните кучиња во главниот град не е само последица на уличната репродукција, туку резултат на неодговорното сопствеништво.
Од Здружението бараат напуштањето миленик да стане кривично дело, исто како во Франција, Хрватска и Португалија.
Тие веќе доставиле иницијатива до Владата и ресорните министерства за правда и за внатрешни работи за измена на Кривичниот законик од каде очекуваат конкретни законски измени и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.
Од „Анима мунди“ посочија дека во еден ден при акција за заловување од страна на ЈП „Лајка“ дури пет од шест фатени кучиња имале сопственици кои подоцна дошле да ги подигнат од стационарот.
„Додека ЈП ’Лајка’ троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор. Без санкции, без контрола и без лична одговорност, системот ги третира само последиците, но не и причините за проблемот“,
велат од „Анима мунди“.
Според нив, фактот дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација и додаваат дека се потребни сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.
