Седницата беше прекината поради тензичната атмосфера, а откако продолжи, мнозинството предложи веднаш да се оди на гласање, што беше усвоено со 76 гласа „за“. Пратениците на Демократската партија потоа ја блокираа говорницата, поставија столчиња на своите бироа и фрлаа картони и шишиња со вода кон столчињата на СП

За време на денешната седница на албанскиот парламент се случија тензии и физичка пресметка меѓу претставниците на мнозинството и опозицијата, по што настана општ хаос меѓу пратениците.
Пленарната седница започнала во тензична атмосфера, откако пратеници од опозицијата ја зазеле собраниската говорница, пренесува албанската државна новинска агенција АТА.
Пратеникот од Демократската партија, Фламур Нока, придружуван од неколку други опозициски колеги, излезе на говорницата за да побара политичко решение за кризата, за која тврдат дека ја зафатила земјата.
Блокадата, се додава во написот од АТА, се случи додека претседателот на Собранието, Нико Пелеши, го презентираше дневниот ред и го читаше записникот од претходната седница. Во тој момент, пратеници од пратеничката група на Демократската партија – меѓу кои Фламур Нока, Ено Боздо, Белинд Келичи, Ина Жупа, Ѓин Ѓони, Иви Касо и Бујар Лескај – го зазедоа просторот околу говорницата.
За време на своето обраќање во Собранието, Келичи изјави дека Албанија моментално е во десеттиот ден од, како што го нарече, најсилното студентско движење видено во последните 35 години.
Според него, Демократската партија недвосмислено ќе застане на страната на студентите, младите и секој граѓанин што ги бара своите права.
„Го осудуваме насилството врз студентите и врз секој граѓанин што учествува во протест. Во овој момент, наша политичка и граѓанска должност е да бидеме со демонстрантите и да ги поддржиме нивните барања – барањата на една генерација кон која оние на власт се однесуваат со презир. Не може да има парламентарна нормалност со оглед на ваква социјална криза. Пораката е јасна: студентите се на улиците, а пратениците на ДП се покрај нив“,
изјави Келичи.
Тој додаде дека пратеничката група на ДП, заедно со други опозициски групи, го поддржува барањето на студентите за оставка на премиерот Еди Рама и за распуштање на овој парламентарен состав.
„Денес, пораката е јасна: потребно е политичко решение. Албанија не е сопственост на ниту еден поединец или режим; таа им припаѓа на своите граѓани“,
додаде Келичи.
АТА пишува дека тензиите дополнително ескалирале кога зеде збор Таулант Бала, шефот на пратеничката група на Социјалистичката партија.
„Ниту една изјава не го оправдува насилството“,
рече Бала, но опозициските пратеници го прекинаа, оневозможувајќи му да продолжи со говорот.
Фламур Нока се приближи до неговото место, туркајќи го и влечејќи го микрофонот, а воедно и Уставот кон него.
Ова доведе до судири меѓу пратениците, што го натера претседателот на Собранието, Нико Пелеши, да побара петминутна пауза на пленарната седница.
Amid violent protests in #Albania, opposition and ruling majority MPs physically clashed in Parliament this Thursday. #Protest https://t.co/uIHtHYi6K1
— Isa Myzyraj (@IsamyzyrajAlb) October 22, 2026
Пленарната седница продолжи, а поради тензиите мнозинството предложи веднаш да се оди на гласање, што беше усвоено со 76 гласа „за“.
Пратениците на Демократската партија потоа ја блокираа говорницата, поставија столчиња на своите бироа и фрлаа картони и шишиња со вода кон столчињата на СП.
Хаосот предизвика и проблеми со електронскиот систем, а Пелеши го водеше гласањето за целиот дневен ред.
Додека се одржува гласањето, пратениците на опозицијата се обидуваат насилно да го спречат обидувајќи се да ја пробијат заштитната ограда и да ги турнат пратениците на СП.
Додека траеше седницата во албанскиот парламент, професори од Универзитетот во Тирана им се приклучија на студентите на протестот во центарот на градот и се обидуваат да преговараат со полицијата да дозволи пристап во близина на законодавниот дом.
