Во наредниот период до почетокот на идниот месец, рече дека не се исклучува можноста за организирање таргетирани блокади со 21 човек и во другите градови, со цел и таму да ги блокираат функционерите да доаѓаат пеш на работа
Им даваат рок на владините претставници до крајот на месецот да кажат за колку пари ќе ја зголемат минималната плата и за колку пари се подготвени да ги зголемат сите останати работнички плати. Во спротивно, најави голем штрајк во неработен ден во првата половина на март, токму пред законското формирање на висината на минималната плата
Добар ден на сите освен на министрите во Владата, порача денеска претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, од протестот пред Владата на кој ги повтори барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

На денешниот протест посочи дека се дојдени тројца луѓе повеќе од што налага Законот за јавни собири, односно има 24 претставници на ССМ, наспроти 24-те министри што седат во Владата и што уживаат на сметка на 540 илјади работници.
Очекува дека ќе наидат на разбирање на нивните барања, посочувајќи дека Владата на денешната седница има можност да донесе одлука за зголемување на платите на работниците, односно да предложи измени и дополнување на Законот за минимална плата.
„Упатуваме порака до Владата, денеска на седница сериозно да разговараат за барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра и за сите останати плати за разликата од претходната минимална до новата минимална плата, или за најмалку 6 000 денари. Бараме да разговараат и да ги ослободат работодавачите од придонесите за задолжително социјално осигурување и со тоа да подадат рака на бизнисот“,
рече тој.
Посочи дека аргументите што ги изнеле минатата година на седниците на Економско-социјалниот совет не биле прифатени од Владата и од работодавачите во насока дека на секоја една затворена компанија се отвораат две нови, дека бројот на вработени од последното зголемување на минималната плата е зголемен, дека им создаваат капитал на газдите меѓу 5 000 до 10 000 евра на годишно ниво во нето-износ.
„Нивниот аргумент дека ќе ги зголемат платите ако се зголеми продуктивноста не држи. Меѓународната организација на трудот укажа дека работник со 24 379 денари минимална плата му заработува месечно на газдата 290 000 денари“,
вели Трендафилов.
Според него, барањата за зголемување на платите се реални, а во буџетот има пари, но смета оти се лошо распоредени.
„Само 17 отсто од вкупниот колач им се дава на работниците за плата. Има пари во државата, но колачот не е правилно распореден“,
рече тој.

Во наредниот период до почетокот на идниот месец, рече дека не се исклучува можноста за организирање таргетирани блокади со 21 човек и во другите градови, со цел и таму да ги блокираат функционерите да доаѓаат пеш на работа.
Им даваат, како што рече, рок на владините претставници до крајот на месецот да кажат за колку пари ќе ја зголемат минималната плата и за колку пари се подготвени да ги зголемат сите останати работнички плати.
Во спротивно, најави голем штрајк во неработен ден во првата половина на март, токму пред законското формирање на висината на минималната плата.
„Ако одлучат на седница на Влада да ја зголемат минималната плата на 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 100 евра, нема да не гледаат повеќе на телевизија, нема да не гледаат на социјалните медиуми. Се дотогаш продолжуваме онаму каде што стоиме сега, на улица“,
вели Трендафилов.
Со денешната блокада на Владата, ССМ ги заокружи најавените протести што се случија пред Собранието и Стопанската комора во центарот на Скопје.
Во продолжение погледнете фотографии од денешниот протест на ССМ пред Владата:
