Министерката Весна Јаневска вели дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите
Министерството за образование и наука (МОН) од денеска почнува со посета на универзитетите во земјава во рамки на јавната расправа за Законот за високо образование.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, претставници од МОН ќе остварат средби со сите професори што сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе бидат дискутирани спорните членови од Законот.
Таа вчера посочи дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
„Јавната дебата не е завршена. Сè уште очекуваме забелешки. Добиваме забелешки на ЕНЕР и преку електронската пошта, но очекуваме и универзитетите официјално да ги достават своите интегрирани забелешки. Сè што сметаме дека е разумно, ќе биде прифатено, а сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем, ќе биде дискутирано“,
вели Јаневска.
Како што додаде, спорни остануваат неколку членови од Законот, за кои треба да дискутираат со професорите од универзитетите и да се договорат.
Министерката вели дека државата веќе нема време за просечни и потпросечни резултати во рамките на образовниот процес.
„Немаме време да си играме со образованието и науката. Немаме време за просечни и потпросечни резултати што нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок“,
кажа таа.
Новите законски решенија за високото образование предвидуваат нов начин на финансирање на високообразовните установи, зајакнување на критериумите за напредување во звањата на факултетите, реорганизација на Агенцијата за квалитет во високото образование и промена во студиските програми.
