Околу 50 трактори вчера продефилираа низ централните улици на грчката метропола, каде што беа поздравени од граѓани и минувачи. Протестот заврши мирно

Како што пристигнаа во Атина, со сирени и свирење, така грчките земјоделци со своите трактори претпладнево го напуштија центарот на Атина, откако ноќта ја поминаа паркирани на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент.
Околу 50 трактори вчера продефилираа низ централните улици на грчката метропола, каде што беа поздравени од граѓани и минувачи. Протестот заврши мирно, а земјоделци од различни делови на земјата ги изнесоа своите ставови и барања поврзани со проблемите во примарниот сектор.
Според претседателот на Федерацијата на земјоделски здруженија од Лариса, Ризос Марудас, протестот испратил јасна порака до Владата дека борбата ќе продолжи сѐ до исполнување на барањата.
Наместо нови блокади, најавени се мобилизации на локално ниво, со цел зголемување на притисокот за политички решенија.
Во наредниот период, Комитетот на блокадите од цела Грција ќе одржи состанок за утврдување на следните чекори, а се разгледува и можноста за присуство на саемот „Агротика“ во Солун.
