Дурмиши го повтори ставот дека Владата ќе поддржи договор меѓу работодавачите и синдикатите за повисока плата, а во однос на барањето државата да ги покрие придонесите при раст на платите посочи дека приватниот сектор добил поддршка во изминатиот период
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, пак, образложи кои се негативните последици ако се зголеми минималната плата

Прашањето за минималната плата е чувствително и токму затоа не се носи решение под притисоци или пак краткорочни политички решенија, изјави вечерва министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Тој вели дека се чекаат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и оти во март ќе има законско нивелирање на платите од 1 500 до 2 000 денари.
Дурмиши го повтори ставот дека Владата ќе поддржи договор меѓу работодавачите и синдикатите за повисока плата, а во однос на барањето државата да ги покрие придонесите при раст на платите посочи дека приватниот сектор добил поддршка во изминатиот период.
„За приватниот сектор сме направиле многу досега и ќе продолжиме да го правиме тоа, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Оперативниот план, поддршката на мали и средни претпријатија, на конкуренцијата, кредитната линија од 250 милиони евра. Кога ќе се земат сите овие поддршки можат да вработат и повеќе луѓе и да плаќаат поголеми плати на вработените. За минималната плата има законска рамка, синдикатите и работодавачите ако се договорат ние ќе поддржиме. Но, не и овој дел затоа што од почетокот на владеењето сме направиле поддршка“,
рече Дурмиши.
Тој посочи дека со вработените во јавниот сектор е заокружен дијалогот, потсетувајќи дека вчера Владата постигна договор со дел од репрезентативните синдикатите за раст на платите на 11 000 административци, откако претходно тоа се случило со платите во здравството, образованието, одбраната и полицијата.
„Тоа покажува дека дијалогот може да функционира кога има подготвеност од двете страни“,
рече Дурмиши.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, пак, образложи кои се негативните последици ако се зголеми минималната плата.
„Прво оние компании кои работат на домашен пазар и немаат голема конкуренција наједноставно ќе мора да ги качат цените на нивните производи или услуги што ќе влијае на инфлацијата. Оние компании кои работат за странски пазари што не можат да ги качат цените како што тие сакаат, бидејќи странецот нема да ги прифати тие трошоци ќе има две можности – да ги качат најниските плати додека да не ги качи другите плати и ќе се создаде демотивираност и дополнително ќе влијае на падот на продуктивноста. И оние компании кои нема да можат да го издржат покачувањето поради конкуретската способност ќе мора да го намалат бројот на работници и на крај да ги затворат компаниите“,
рече Димитров.
Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), истакна дека досега требало да се има разбирање за потребите на работниците.
„Минатата година исто протестиравме за покачување на минималната плата. Пробавме и по пат на социјален дијалог. Три седници на Економско-социјалниот совет, од кои две беа без потребниот кворум затоа што немавме репрезентативност, не знаеме од кои причини, токму во моментите кога требаше да седиме на маса и да разговараме. Затоа кажавме на крајот на минатата година дека владата и работодавачите имаат доволно време да се договорат и да кажат колку тие сметаат дека можат за да се зголеми минималната плата“,
кажа Трендафилов.
Барањата за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра, утре од Сојузот на синдикати на Македонија ќе ги изнесат на протест од пред зградата на Собранието. Причина за блокадата пред Собранието, како што велат од ССМ, е што пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати.
