Заболените слушатели на курсот за професионални војници во касарната во Велес се пратени на домашно лекување. Останатите се во добра состојба и без симптоми на болеста
Кај четири слушатели на курсот за професионални војници во касарната во Велес е потврдена болеста шуга, вели потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, посочувајќи дека се преземени сите неопходни мерки и се следи состојбата кај останатите присутни слушатели на курсот.

Првиот случај, како што вели таа, е пријавен минатиот четврток, по што се преземени сите превентивни мерки.
Дијагностицираното лице веднаш е упатено на специјалист и на домашно лекување, по што следеле дополнителни превентивни мерки.
„Превентивните мерки ги правиме редовно по наш месечен план. А по индикација, како сега, правиме и вонредни надзори“,
вели таа.
Според неа, сите присутни војници се прегледани, а оние со кожни промени се дополнително упатени на специјалистички прегледи.
„Четворицата се пратени на домашно лекување. Другите се наоѓаат во единицата и се добри и без симптоми“,
кажа докторката.
Посочи дека болеста не потекнува од Армијата, односно дека е донесена однадвор.
„Досега не сме имале случаи на шуга во Армијата, ниту кај старешините, ниту кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“,
рече доктор Оранска.
Во објектите, како што додаде, каде се сместени слушателите е извршена комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Портпаролот на Генералштабот на Армијата, потполковник Дарко Стерјовски, рече дека условите во касарната се целосно согласно правилата, а како невистинити ги отфрли шпекулациите за лоши услови во објектите.
„Сакам да напоменам дека условите во касарната се сосема задоволителни и се согласно правилото за сместување и ред во Армијата“,
вели тој.
Претходно од Министерството за одбрана соопштија дека случајот со шуга кај професионални војници не потекнува од касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес. Оттаму апелираат да не се манипулира јавноста и да не се прави злоупотреба на поединечен случај, со што се нанесува директна штета на угледот на Армијата.
Пред два дена, од АРМ информираа дека има два потврдени случаи на шуга кај војници во велешката касарна.
Оттаму информираа и дека заразените војници се во изолација, а како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници што се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома.
