Од СДСМ нагласуваат дека нивното решение е реално, одржливо и целосно ги задоволува потребите на сите работници кои земаат минимална плата

Таканаречениот договор којшто денеска е постигнат со УПОЗ е потврда дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на работниците на 600 евра, реагираат од СДСМ откако Владата и синдикатите договорија зголемување на платите за дел од администрацијата за 40 отсто до 2028 година.
Од СДСМ посочуваат дека овој договор се однесува на само мал број административни службеници, околу 10 000 не земајќи ги предвид сите јавни службеници, како на пример, вработените во државните акционерски друштва и останатите работници.
„После две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници тешко живеат бидејќи вредноста на синдикалната кошница порасна на 66 000 денари. Второ, периодот од покачување на платите минимално и тоа за две години од сега не е одговор на потребите на работниците на кои платите да им се покачат сега, оваа година. Околу 200 000 работници моментално земаат плата под 30 000 денари, што ја продлабочува сиромаштијата и го поттикнува иселувањето на младите и квалификуваните. Затоа минималната плата треба да се покачи за сите вработени, во јавниот сектор, во приватниот сектор и приватните компании, фабриките, конфекциите“,
велат од најголемата опозициска партија.
Од СДСМ нагласуваат дека нивното решение е реално, одржливо и целосно ги задоволува потребите на сите работници кои земаат минимална плата.
„Со решението на СДСМ минималната плата се покачува за 50 отсто, односно за 12 000 денари и тоа сега. Само со ребаланс на Буџетот и кратење на луксузот на власта, како коли, мебел, патувања, кабинети, се обезбедуваат 200 милиони евра за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании да им се загрози ликвидноста. Власта го избра својот луксуз пред животните, егзистенцијални потреби на работниците. Владата на Мицкоски ги изигра работниците“,
соопштија од СДСМ.
