„Светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1 000 на Шангајската ранг-листа, треба годишно да објавува најмалку 1 200 трудови во списанија со импакт-фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција
Нов начин на финансирање на високообразовните установи, зајакнување на критериумите за напредување во звања на факултетите, реорганизација на Агенцијата за квалитет во високото образование, промена во студиските програми. Ова се дел од новите во законските решенија за високото образование што министерката за образование и наука Весна Јаневска ги презентира на денешната прес-конференција.

Таа ги претстави предлог-законите за високо образование, за квалитет во високото образование и законот за научноистражувачка дејност. Првите два се веќе поставени на Националниот регистар на прописи (ЕНЕР) и обичната и стручната јавност можат да даваат коментари и сугестии, а деновиве ќе биде ставено и третото законско решение.
Според Јаневска, со новите законски решенија се очекува да се подобри академската едукација и да се поттикне научноистражувачката дејност.
На подготовката на законите, како што кажа министерката, работеле над 60 професори, претставници на студентите, стручни лица и експерти од повеќе институции и установи.
Министерката притоа оцени дека Националното координативно тело за реформи во високото образование и научноистражувачката дејност, кое беше формирано од Владата, одлично си ја завршило првата задача.
Новиот Ззакон за високото образование треба да го замени постојниот од 2018 година, кој, рече Јаневска, создал повеќе проблеми отколку што решил.
Нов начин на финансирање на универзитетите
Како што наведе таа, утврден е и нов начин на финансирање на високообразовните установи. Во овие рамки предвидена е развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, чија улога ќе биде да ги мотивира универзитетите да исполнат одредени повисоки критериуми, а со тоа да добијат и повеќе пари за финансирање. Ова, како што рече министерката, ќе ја стимулира конкуренцијата која носи квалитет.
Предвидено е предност при вработувањето на државните универзитети како наставно-научен кадар да имаат студентите што со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или, пак, студираат овде и се добитници на наградата „Инженерски прстен“. Предност ќе имаат и студентите кои ја понеле, условно кажано, титулата најдобри на универзитетот на кој студирале.
Една од поважните новини, за што има и најмногу заинтересираност кај академскиот кадар и веќе стигнуваат коментари, е тоа што се зајакнуваат критериумите за напредување во звања на факултетите. Имено, како што информира министерката, секој што ќе аплицира за избор во звање доцент, вонреден или редовен професор, отсега ќе има обврска до изборот да изработи и објави најмалку шест до седум научни трудови, од кои три до четири треба да бидат објавени во списание со импакт-фактор од базите „Веб од сајнс“ (Web of science) или „Скопус“ (Scopus).
„Ова е важно затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1 000 на Шангајската ранг-листа, треба годишно да објавува најмалку 1 200 трудови во списанија со импакт-фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме“,
рече Јаневска.
Таа рече дека, секако, ќе има период на приспособување.
По усвојување на законот, избраните редовни професори во иднина ќе имаат реизбор по седум години, а тие што се веќе избрани во редовни професори нема да бидат опфатени со овој закон, т.е. законот нема да важи ретроактивно, а академската заедница станува единствена на целата територија. Со новиот закон се враќа одредбата од пред 2018 година за мандатот на ректорите, така што тој повторно ќе биде четири години наместо сегашните три, а се менува и моделот за избор на ректор.

Говорејќи за студиските програми, Јаневска соопшти дека македонските универзитети спроведуваат отприлика над 1 300 студиски програми. Притоа, постојат случаи каде на една студиска програма се запишани само двајца, тројца или пет студенти, што, вели таа, е апсолутно неприфатливо.
„Оттука, во договор со универзитетите, се договоривме дека тој систем на такво студирање ќе го промениме, а тоа го предвидува и законот. Ќе воведеме модуларност. Тоа значи, на пример: На Правниот факултет, сите студенти ги завршуваат првите две години заедно. Првите две години се исти за сите и сите добиваат основа за дипломиран правник. Во вторите две години (трета и четврта), студентот се усмерува“,
рече Јаневска.
Наместо одбори, ќе има еден совет за акредитација и евалуација
Законот предвидува да се воведат и стручни студии од прв, втор и трет циклус со проодност кон академски студии, како и кратки стручни програми за стекнување специјалистички знаења. За поттикнување на транспарентноста на работата на државните универзитети, ќе се активираат одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите, кои во минатото не функционираа. Националниот совет за високо образование и наука, пак, добива повеќе обврски.
„Платите повеќе не се предмет на дискусија. Зголемени се за 14 отсто минатата година, а зголемен е и буџетот за поддршка на научноистражувачката дејност, од 380 милиони денари во 2024 година на 773 милиони денари оваа година, што е повеќе од двојно“,
кажа Јаневска.
Со Законот за квалитет во високото образование, пак, се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет во високото образование, која во изминатите пет години постоење не била доволна функционална и, како што рече Јаневска, вршела само акредитација на студиски програми, но не и евалуација.
Со предложениот закон се планира укинување на одборите за евалуација и акредитација кои постоеја во составот на Агенцијата и наместо нив ќе се формира совет кој ќе работи со стручни комисии. Овој совет ќе ги дефинира постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научноистражувачките субјекти.
Третиот закон во пакетот е за научноистражувачка дејност и е во тесна корелација со другите два. Јаневска информира дека со него се предвидуваат типови на научни установи, доделување средства за научноистражувачки проекти, финансирање на научни институти и центри за извонредност и јасно дефинирање на постапките за избор во научни звања на истражувачите.

Планот на Министерството за образование и наука е текстовите на предлог-законите да бидат на ЕНЕР 30 дена, а како што кажа Јаневска, за две недели треба да почнат и јавните расправи на универзитетите.
Потоа законите ќе бидат проследени во владина постапка, а по приемот во Собранието, матичната собраниска комисија ќе може да организира јавна расправа во Парламентот пред да бидат дадени за усвојување.
Јаневска очекува сите три закони да бидат усвоени одеднаш.
„Очекувам Собранието одеднаш да ги усвои сите, се разбира по претходно доставување на најдобрите текстови што ќе произлезат од јавната дебата што Владата ја почна во понеделникот. Дебати ќе се одржат и на сите јавни високообразовни установи, а се надевам и на квалитетна дискусија во Собранието“,
додаде министерката.
