Оттаму бараат ресорното Министерство да иницира подготовка на сопствен дипломатски документ со јасно дефинирани барања, меѓу кои правно обврзувачка пристапна патека, безбедносни гаранции и заштита од идентитетски условувања
Воедно, бараат и отворање парламентарна расправа пред претстојниот Самит на ЕУ, со цел институциите и јавноста транспарентно да дебатираат за надворешно-политичкиот курс на државата
Политичката партија Левица денеска побара од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) итно да објави официјален став за предложениот модел на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој повика на иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија.

Оттаму упатија загриженост поради отсуството на официјален и јасно образложен став од ресорното Министерство во врска со нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за исходот од пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија.
„Во услови кога се отвораат суштински прашања за идниот европски статус на Македонија, институционалното молчење остава впечаток на политичка пасивност и недостиг од државна стратегија во еден исклучително чувствителен дипломатски момент“,
се вели во партиското соопштение.
Од Левица ја обвинуваат Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за изолационистички пристап и отсуство на официјален одговор на предлозите што доаѓаат од високи претставници на Европската Унија. Тоа, како што велат, отвора сомнежи за искреноста на намерите на Владата во однос на европските интеграции.
„И тоа првенствено поради помиреноста со статус-квото во кое Република Македонија останува периферна и секундарна структура во рамките на европскиот економски конгломерат, притоа целосно обезличена и лишена од секаков вид достоинство и меѓународна почит“,
се вели во партиското соопштение.
Според партијата, државата не смее да настапува без јасни ставови и без сопствен дипломатски одговор на иницијативи што директно ја засегаат нејзината европска перспектива.
„Нон-пејпер форматот по својата природа остава простор за противпредлози, преговарачки позиции и активна дипломатска комуникација. Отсуството на таков пристап претставува пропуштена можност државата да ги артикулира своите интереси и да обезбеди рамноправен третман во процесот на европска интеграција“,
велат оттаму.
Левица бара Министерството за надворешни работи итно да објави официјален став за предложениот модел, како и да иницира подготовка на сопствен дипломатски документ со јасно дефинирани барања, меѓу кои правно обврзувачка пристапна патека, безбедносни гаранции и заштита од идентитетски условувања.
Воедно, бараат и отворање парламентарна расправа пред претстојниот Самит на ЕУ, со цел институциите и јавноста транспарентно да дебатираат за надворешно-политичкиот курс на државата.
Според партијата, државата мора да настапува како рамноправен политички субјект со јасна стратегија и активна дипломатија, а не како пасивен набљудувач на процеси што директно ја определуваат нејзината иднина.
„Во период кога се носат важни одлуки за регионот и европската архитектура, државните институции имаат обврска да покажат политичка одговорност, транспарентност и доследност во заштитата на национаните интереси“,
се додава во партиското соопштение.
Инаку, во писмото до лидерите на Европската Унија, германскиот канцелар предлага Украина да добие модел на „асоцијативно членство“ како преодна фаза кон полноправно членство. Тој модел би овозможил учество на украинските претставници во работата на институциите на ЕУ без право на глас, како и постепена примена на европското законодавство.
Во однос на Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага забрзана и постепена интеграција преку привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиско вклучување во европските институции.
Според него, ваквиот пристап би можел да создаде нова динамика во процесот на проширување и да ги поттикне реформите во земјите кандидати, но и да ја зајакне геополитичката улога на Европската Унија.
