Откако партијата на Касами објави дека поднела кривична пријава против Агенцијата за медиуми, оттаму возвратија дека „ова не е прв обид за притисок“, особено во период пред избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја смета за притисок објавата на партијата Беса за кривична пријава против Агенцијата, поради упатството за платеното политичко рекламирање за претстојните парламентарни избори.
Од Беса реагираат поради тоа што се ставени во ист „пакет“ со СДСМ, како дел од коалицијата „Можеме“, односно дека не е земено предвид тоа што оваа партија, според резултатите од последните парламентарни избори во 2016 година, е втора опозициска, по ВМРО-ДПМНЕ.
Од АВМУ, пак, објаснуваат дека во Изборниот законик е точно утврдено дека право на изборна кампања имаат само учесниците во кампањата, а тоа се листи на кандидати за избор на пратеници кои се потврдени од Државната изборна комисија.
„Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) обезбедуваат време за платено политичко рекламирање само за овие учесници. ДИК ја има потврдено листата на кандидати за изборите што ќе се одржат на 15 јули, според која Беса е дел од коалиција „Можеме“. Оттаму, имајќи предвид дека оваа партија не настапува самостојно, може да добие време за платено политичко рекламирање само и исклучиво во минутите наменети за споменатата Коалиција“,
се наведува во реакција на Агенцијата за медиуми.
Оттаму велат дека нацрт-верзијата на упатството за лимитите за платено политичко рекламирање била ставена на јавна расправа на 3 март, а дека Беса не доставила никаква забелешка до неговото усвојување на 15 јуни.
„Упатството е донесено едногласно од сите членови на Советот на Агенцијата.Изјавите за поднесена кривична пријава не може да се сфатат никако поинаку освен како обид за притисок врз Агенцијата,особено пред утрешната седница за кога е предвидено донесувањеново упатство за платено политичко рекламирање врз основа на последната Уредба на Владата која се однесува на изборниот процес .Ова не е прв обид за притисок, особено во специфични периоди како што се изборните. Како и досега, Агенцијата ќе продолжида постапува професионално и законски и да води сметка за обезбедување рамноправен пристап до облиците на медиумско преставување на сите учесници во изборниот процес и нема да задоволува поединечни партиски интереси“,
се посочува во реакцијата на АВМУ.
