„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, кажа претседателката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска од Дубаи, на собир во пресрет на Светскиот самит на владите, на кој учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, посочи дека промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации.

Според неа, во време на подем на вештачката интелигенција, образованието веќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење факти, туку триалог меѓу наставникот, ученикот и вештачката интелигенција. Укажа на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи многубројни ризици, меѓу кои е и зависноста“,
кажа таа.
Посочи и дека образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што и недостасува на вештачката интелигенција.
„Вештачката интелигенција не треба да се забранува, туку мудро да се регулира. Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“,
вели претседателката.
Промената на парадигмата, како што додаде, е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари што се меѓу првите два отсто од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од се, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од кои сите би можеле да имаме корист“,
вели Сиљановска-Давкова.
Претседателката оствари и средба со македонски граѓани што живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати.
