Премирот изјави дека станува збор за внатрешна работа на Унгарија и оти верува дека тамошните власти ќе си ја завршат работата и ќе излезат со, како што кажа, некакво соопштение поврзано со тој заем
Прашан за коментар на изјавата на Маѓар дека Унгарија нема да поддржи забрзан процес на пристапување за ниту една земја кандидатка во Европската Унија, Мицкоски кажа оти е убеден дека тоа што го кажал неговиот унгарски колега не се однесува на Западен Балкан, туку на други земји кандидатки
Премиерот Христијан Мицкоски вели оти не стравува дека кривичната истрага што унгарските власти ја отворија за државната „Ексимбанка“ би можела да има некакви реперкусии врз земјава.

Мицкоски денеска беше прашан на оваа тема од новинарите бидејќи еден од случаите за кој веќе и официјално се води истрага е кредитот од една милијарда евра што Македонија го зеде од „Ексимбанка“ додека на чело на унгарската влада беше Виктор Орбан.
Одговарајќи на прашањето дали истрагата може да се одрази на земјава, Мицкоски изјави дека станува збор за внатрешна работа на Унгарија и оти верува дека тамошните власти ќе си ја завршат работата и ќе излезат со, како што кажа, некакво соопштение поврзано со тој заем.
Во однос на самиот кредит, тој изјави дека тој е дел од стратешкото партнерство меѓу двете држави, дека е потврден од владите и парламентите во Скопје и Будимпешта и оти средствата се потрошени на транспарентен начин.
„Дали стравувам? Апсолутно не стравувам затоа што сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство, потврдено од двата парламенти, од двете влади. Средствата се на транспарентен начин потрошени и моја благодарност до Унгарија што како наш стратешки партнер во времето кога се боревме да ја извадиме државата од банкрот поради долговите коишто ги наследивме од бандитската влада на СДСМ и ДУИ, тие беа први коишто ни излегоа во пресрет“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по промоицијата на нови комунални возила за Град Скопје и уште неколку општини во земјава.
Новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на соопштение на унгарската полиција, објави дека се истражуваат четири случаи во „Ексимбанка“ под сомнение за злоупотреба на службената положба и несовесно управување. Меѓу случаите што се предмет на истрага е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Северна Македонија, за кој Министерството за економија на Унгарија во јули поднело пријава по спроведена ревизија на банката.
Актуелниот унгарски премиер Петер Маѓар, кој на изборите во април годинава стави крај на 16-годишното владеење на поранешниот премиер Виктор Орбан, вети дека ќе справи со, како што ја нарече, широко распространетата корупција за време на претходната влада. Орбан, како што потсетува Ројтерс, во повеќе наврати ги негираше обвинувањата на Маѓар.
Според полициското соопштение, истражителите во понеделникот (31 август) заплениле илјадници страници внатрешни документи од Министерството за економија кои ќе бидат анализирани во рамките на истрагата.
Дека ќе има истраги за работењето на државната Ексимбанка, Маѓар најави кон крајот на јули. Тогаш тој сооопшти дека унгарското Министерство за економија до полицијата доставило четири случаи поврзани со банката, меѓу кои и оној за кредитот за Северна Македонија, со каматна стапка од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција, услови што тој ги оцени како проблематични.
Инаку, Мицкоски денеска беше прашан и за коментар на изјавата на Маѓар дека Унгарија нема да поддржи забрзан процес на пристапување за ниту една земја кандидатка во Европската Унија.
Мицкоски вели оти е убеден дека тоа што го кажал неговиот унгарски колега не се однесува на Балканот, туку на други земји кандидатки за членството во ЕУ.
„Убеден сум дека колегата Маѓар тоа што го кажал не го мисли за Балканот, бидејќи досега има десетици изјави откако е избран за претседател на владата на нашиот стратешки партнер Унгарија во кои вели дека поддршката за Западен Балкан, каде спаѓаме и ние географски, е недвосмислена и искрена и дека таа никогаш не била довдена под знак прашалник. Мислам дека се однесува на други земји кандидати за членство во Европската Унија“,
изјави македонскиот премиер.

Маѓар по вчерашната средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави декја дека за време на разговорот го повторил јасниот став на Будимпшета во однос на понатамошното проширување на Унијата.
„Потврдив дека Унгарија не поддржува забрзан процес на пристапување за ниту една земја кандидатка“, напиша тој во изјава по средбата.
Тој, исто така, соопшти дека му рекол на Кошта оти Унгарија ќе може да го одобри следниот седумгодишен буџет на ЕУ само ако постигнатиот компромис е во согласност со интересите на унгарските граѓани и бизниси. Пораката доаѓа пред преговорите меѓу земјите членки за финансиските приоритети на Унијата и распределбата на средствата во новата повеќегодишна финансиска рамка.
This evening, I hosted the President of the European Council, @eucopresident António Costa.
— Magyar Péter (Ne féljetek) (@magyarpeterMP) September 2, 2026
At the meeting, I made it clear that we can only accept the EU’s new seven-year budget if the compromise serves the interests of the Hungarian people and businesses.
I also stated that… pic.twitter.com/LBSMJWSvf7
