Скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ во рамките на оваа распределба добива дваесетина специјални возила на трајно користење. Станува збор за камиони со зафатнина од 3, 8, 17 и 20 кубни метри, автоцистерни за машинско миење на улиците и метларки за машинско метење

Градот Скопје и уште неколку општини низ земјава – Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес, ќе добијат 49 нови возила и специјализирана опрема за комунална хигиена.
Станува збор за 19 мултифункционални камиони од различен тип, девет специјализирани камиони, цистерни и 21 мултифункционално возило, кои треба да помогнат во чистење на улиците.
Набавката е реализирана преку Министерството за транспорт во рамките на долгогодишен проект со Светската банка за ревитализација и за изградба на нови локални и регионални улици и тие се спроведуваат низ сите општини во државата.
Министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски на денешната промоција на возилата истакна дека набавката е реализирана преку транспарентен процес, при што од проценетата вредност од 5,5 милиони евра, опремата е набавена за 4,2 милиони евра, со што е остварена заштеда од околу 1,3 милиони евра.
Скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ во рамките на оваа распределба добива дваесетина специјални возила а трајно користење. Станува збор за камиони со зафатнина од 3, 8, 17 и 20 кубни метри, автоцистерни за машинско миење на улиците и метларки за машинско метење.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вели дека современата механизација ќе овозможи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот, со што ќе се придонесе за почисти јавни површини и поздрава животна средина за сите граѓани.
Тој најави дека Градот Скопје со сопствени средства дополнително набавува уште специјализирани возила и над 3 300 нови контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.
