Дополнително од Социјалдемократскиот сојуз бараат Мицкоски и Димитриеска-Кочоска да одговорат зошто новото задолжување од 1,3 милијарди евра не било предвидено во ребалансот на Буџетот
Претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција во Собранието најави дека повторно ќе го поднесат законско решение за зголемување на минималната плата на 36 000 денари, односно 600 евра. Рече оти не очекува владејачкото мнозинство да го поддржи законот, но се надева дека ќе имаат, како што кажа, барем грам совест да помислат на работниците и како тие живеат овие денови
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и пратеник во Собранието, Венко Филипче, денеска побара одговори од премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во врска со јавниот долг, повторно обвинувајќи ги за лоши економски политики поради кои, како што кажа, трпи стандардот на граѓаните.

Имено, Филипче бара премиерот и министерката задолжена за државната каса да кажат зошто, според него, во официјалните податоци за јавниот долг не е прикажан долгот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Според лидерот на опозициската партија, станува збор за долг од 350 милиони евра, кој власта го крие бидејќи, како што кажа, го нема во официјалните табели.
Дополнително од Социјалдемократскиот сојуз бараат Мицкоски и Димитриеска-Кочоска да одговорат зошто новото задолжување не било предвидено во ребалансот на Буџетот.
„Дали со тоа планираат да го прекршат Законот за буџетите? Еве го документот со кој е помината информацијата за потребата од ново задолжување на државата во износ од 1,3 милијарди евра, со што вкупниот долг на државата ќе достигне досега рекордни, никогаш недостигнати речиси 12 милијарди евра. Од нив, повеќе од четири милијарди евра се нов долг создаден само во изминатите две до две и пол години со тоа, долгот ќе порасне на рекордни 65 отсто од бруто-домашниот производ“,
рече Филипче на прес-конференцијата во Собранието.
Продолжувајќи во истиот контекст, тој посочи дека зад задолжувањето нема економска стратегија, ниту политики што ќе донесат подобар животен стандард за граѓаните. Оценувајќи дека Владата нема резултати во економската политика, Филипче наведе дека наместо да инвестира во развој, што би значело подобра економија и намалување на долгот, власта, вели, ги троши парите на партиски тендери.
„Оваа власт едноставно ниту има капацитет, ниту стратегија, ниту план, ниту желба да направи нешто добро за граѓаните. Само брутално задолжување и проекти коишто не се инвестираат во капитални инвестиции, поради тоа што тоа ќе значи дека економијата добро работи и долгот ќе се намалува, туку само ќе трошат парите на партиски тендери. Секојдневно ги слушаме паничните крици на премиерот Христијан Мицкоски во обид што подолго време да остане на власт. Колку треба да биде очаен човек да со лажни податоци и со лаги ги претстави сопствените неуспеси како некакви си успеси, посебно во сферата на економијата и посебно што не може граѓаните да ги излаже за тоа како живеат“,
кажа Филипче.
СДСМ повторно ќе поднесе предлог-закон за минималец од 600 евра
Поради ваквата ситуација и сè потешките економски услови во кои, според него, живеат мнозинството граѓани во земјава, СДСМ повторно ќе поднесе законско решение за зголемување на минималната плата на 36 000 денари, односно 600 евра. Дополнително, како што најави Филипче, ќе предложат и субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата што произлегува од зголемувањето на платата.
„Имајќи ја предвид ситуацијата, стандардот на граѓаните, имајќи ги предвид секојдневните повици и комуникации што ги имаме со граѓаните, ние повторно во Собранието ќе го поднесеме Законот за зголемување на минималната плата. Бараме минималната плата да се качи на 36 000 денари, односно 600 евра, со што барем некако ќе закрепнат граѓаните, стандардот ќе им се подобри и ќе може да се консолидираат семејните буџети во пресрет на тешките есенски месеци кога ќе се зголемат сметките за струја, дополнително и сметките за греење“,
изјави тој.
Тој додаде дека во законското решение ќе биде опфатена и мерка за поддршка на приватниот сектор и ќе биде предложена на почетокот на следната недела.
„Уште една мерка е субвенција на придонесите за приватните компании за разликата на придонесите во однос на зголемувањето на минималната плата, да им се помогне и на компаниите и да не им биде дополнителен товар во оваа тешка ситуација, знаејќи колку должи државата и во однос на повратот на ДДВ. Огромен број компании остануваат неликвидни, земаат кредити што веќе не можат да ги вратат и почнуваат да затвораат“,
кажа претседателот на СДСМ.

Одговарајќи на новинарско прашање за изворите на средства за ваквото решение, Филипче рече дека парите можат да се обезбедат преку намалување на, како што оцени, непродуктивни буџетски трошоци.
„Ние со едни претходни предлози дававме и точен план. Има неколку ставки во Буџетот, а доколку е потребно, тоа повторно ќе го презентирам во следните денови. Сè што треба да се направи е да се намали ставката луксуз. А има што да се намали – автомобили, мебел. Прашањето е дали можеме тоа да го очекуваме од оваа власт која сè уште, и покрај оваа тешка економска состојба, најавува купување на нов владин авион“,
изјави тој.
Прашан дали очекува парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати предлог-законските решенија за минимална плата, имајќи предвид дека претходно веќе два пати ги одбија, Филипче рече:
„Имајќи предвид како брутално и душмански владеат, само за свој интерес, не очекувам да го поддржат законот, но се надевам дека ќе имаат барем малку грам совест да помислат на работниците и како тие живеат овие денови“.
