Министерот за здравство Азир Алиу кон крајот на декември минатата година најави дека треба да се одржи првиот состанок со странските експерти што треба да бидат ангажирани за финализирање на извештајот за случајот со непотребните операции на срце, но досега не се знаеше дали и кога оваа комисија би почнала со работа
Министерството за здравство попладнево ги објави имињата на тројцата членови на странската комисија која ќе го истражува случајот со непотребните операции на срце кои се вршеле во земјава.

Во соопштението на Здравство како прв од тричлената комисија се наведува доктор Уголино Ливи, кардиохирург од Италија со искуство како редовен професор од областа кардиохирургија на Универзитетот во Удине. Бил ангажиран и како визитинг професор на универзитетите „Стенфорд“ и „Сан Диего“ во САД.
„Има стекнато богато професионално искуство во областа на трансплантација на срце. Исто така, како експерт е член на уредувачките одбори на повеќе европски стручни списанија во оваа област“,
наведуваат од Министерството.
Останатите двајца експерти од областа се со потекло од Словенија. Станува збор за кардиоваскуларниот хирург Никола Лакиќ и интервентниот кардиолог Черчек Миха.
Доктор Никола Лакиќ има повеќегодишно работно искуство на раководна позиција во Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, доктор на науки е на Универзитетот во Марибор и има објавено повеќе стручни трудови посветени на кардиоваскуларната хирургија.
Доктор Черчек Миха има долгогодишно искуство на одделот за кардиологија при Универзитетскиот медицински центар во Љубљана и има стекнато титула доктор на биомедицински науки на Универзитетот во Љубљана. Во рамки на својата експертиза бил ангажиран како истражувач на престижниот „Cedars-Sinai“ медицински центар во Лос Анџелес, САД.
Министерот за здравство Азир Алиу кон крајот на декември минатата година најави дека треба да се одржи првиот состанок со странските експерти што треба да бидат ангажирани за финализирање на извештајот за случајот со непотребните операции на срце, но досега не се знаеше дали и кога оваа комисија би почнала со работа.
Имињата на странските експерти кои ќе ги истражуваат непотребните операции на срце се објавени непосредно откако докторот и академик Сашко Кедев објави дека се повлекува од Здравствениот совет формиран од министерот за здравство во врска со овој случај. Во известувањето до Алиу тој наведува дека смета оти започнатите контроли треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со докажан кредибилитет.
