Во моментов, додаде дека прагот на толеранција е 15 отсто, што е над европскиот стандард од 10 отсто, но со текот на времето ќе се враќаат европските критериуми
Премиерот очекува во следниот период драматично да се намали бројот на прекршоци и казни
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го коментираше почетокот на казнувањето на граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на „Безбеден град“.
Од утрово, како што рече, нема поплаки од граѓани и дека е во постојана комуникација со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Според него, Владата и Министерството за внатрешни работи одлучиле на стартот да го зголемат прагот на толеранција за брзо возење, со цел граѓаните постепено да се навикнат на новиот систем.
Во моментов, додаде дека прагот на толеранција е 15 отсто, што е над европскиот стандард од 10 отсто, но со текот на времето ќе се враќаат европските критериуми.
„Го зголемивме прагот на толеранција, односно до 50 ќе биде шест километри на час. Над 50 ќе биде девет километри на час, а над 90 ќе биде 12 километри на час. Се зголеми таа толеранција да не се казнуваат граѓаните веднаш. Но, како што ќе се навикнуваат возачите, така ќе се вратиме на европските критериуми, кои велат толеранцијата да биде не повеќе од 10 отсто. Ние сега сме малку повеќе, некаде околу 15 отсто“,
кажа тој, давајќи изјави за медиумите на настанот за почеток на изградба на булеварот „Македонија“ во Скопје.
Според него, не е поентата да се казнуваат граѓаните, туку да нема последици од сообраќајни несреќи и загубени човечки животи.
„Очекувам драматично да се намали бројот на прекршоци и казни“,
вели премиерот.
Од денеска, 1 февруари, почна со функционирање системот „Безбеден град“ на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10.
Ќе се детектираат четири типични сообраќајни прекршоци, како непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола.
Тошковски во вчерашното гостување на МРТ 1 рече дека во примена е нов правилник со кој се зголемува прагот на толеранција за возачите.
Овие толеранции додаде дека се апсолутно прифатливи со цел да заживее системот и да се уверат граѓаните дека целта не е казнување, туку целта е помалку несреќи, повредени и загубени животи.
