Во процесот, како што рече тој, се вклучени експертски тимови кои нема да дејствуваат само во училиштата, туку ќе работат и со родителите

Град Скопје и Министерството за образование и наука наскоро ќе презентираат нов сет мерки за намалување и спречување на врсничкото насилство меѓу учениците, најави денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Реакцијата доаѓа по последниот инцидент во Скопје, во кој 13-годишно момче со убодни рани од нож се бори за живот.
„Спремаме уште еден поголем сет на мерки заедно во соработка со министерката за образование Весна Јаневска, со која имаме одлична соработка, но и силна, силна поддршка во тој дел, така да во наредниот период ќе излеземе со цел сет на мерки и ќе бидете сведоци на она што ќе го започнеме како процес, а ќе влијае. Убеден сум, на долг рок за што помалку случаи такви да имаме“,
вели Ѓорѓиевски.
Во процесот, како што рече тој, се вклучени експертски тимови кои нема да дејствуваат само во училиштата, туку ќе работат и со родителите. Ѓорѓиевски потенцираше дека вината за ваквото однесување многу почесто лежи кај родителите кои го дозволуваат таквото однесување на децата.
Градоначалникот потсети дека како една од првите мерки за подобрување на дисциплината и безбедноста во средните училишта во Скопје веќе беше воведена забраната за користење мобилни телефони за време на наставата.
Од Министерството за образование и наука во јуни годинава рекоа дека минатата година подготвиле и реализирале сет мерки за справување со меѓуврсничкото насилство. Како што наведуваат оттаму, со законски измени училиштата се задолжени во годишните програми за работа да предвидат активности за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и други мерки.
Оттаму додаваат дека планирано е да продолжат средбите со родителите, но и обуките за стручните соработници за препознавање семејно насилство преку однесувањето на децата на училиште и спречување тоа да се преслика во меѓуврсничко насилство во училиштата.
Според МОН, досега се реализирани обуки за стручни соработници од триесетина општини во Македонија, а во соработка со Комората на психолози, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
